Поради енергетската криза што прво ги погоди компаниите што сами се снабдуваат со електрична енергија, владини претставници најавуваат воведување кризна состојба во енергетскиот сектор. Викендов беше донесена уредба за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, но во неа не се предвидени посебни ставки за рестрикции на енергија кај домаќинствата.
Стопанството бара решенија за проблемот, бидејќи прво се соочува со недостиг од струја. Првиот човек на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, потенцира дека Владата мора да прогласи енергетска криза.
– Не може оваа работа да помине без прогласување енергетска криза, не ги знам ингеренциите во ваква констелација на влада што е во оставка, но криза мора да биде прогласена за полесно да ги носи решенијата во моментот кога ќе тргне огромната потрошувачка со промена на временските услови и со резервите што ги имаме. Покрај соработката со Владата, бараме и наши решенија и имаме неколку можности. Веројатно ќе дојде до здружување на компаниите, со цел купување електрична енергија за целата 2022 година по фиксна цена, ќе ја платиме авансно и така ќе ги обезбедиме потребните количества за да го дочекаме почетокот на годината подготвени. Има можност за наше вклучување во активностите што ги презема државата за подигање на степенот на производство на електрична енергија, а ќе има и солидарни потези. Компаниите нема да се соочат со рестрикции на струја, но ќе се соочат со големо покачување на цените. Интенцијата на Владата е јасна, да ги штити граѓаните, а ние не може да чекаме да бидеме изложени без никаква помош да ги чекаме тешките времиња затоа и ова здружување го правиме – објасни Азески.
Во меѓувреме беше објавено дека девет компании се пријавиле на вториот тендер на ЕСМ за набавка на 900 илјади тони јаглен за РЕК „Битола“. Има понуди од Косово, Албанија, Босна и Херцеговина и од Турција, на кои ќе се прави техничка евалуација – дали понудениот јаглен ги задоволува карактеристиките и економско-финансиска евалуација. Не се знае кога јагленот ќе биде испорачан.
За ТЕЦ „Осломеј“, од ЕСМ соопштија дека очекуваат в понеделник да го официјализираат понудувачот, па да се потпише договор. До крајот на овој месец треба да почне испораката на јаглен и „Осломеј“ да се стави во функција.
Викендов Владата ја донесе уредбата за прогласување енергетска криза, која, според Министерството за економија, се прави поради технички корекции на претходната, која датира од 2012 и не кореспондира со Законот за енергетика донесен во 2018 година.
Уредбата предвидува исклучување светлечки реклами, намалување до сигурносен обем на осветлението на улиците, плоштадите, ограничување на осветлувањето на излози до сигурносен минимум и забрана за употреба на електрична енергија за дополнително загревање деловни и службени простории. Во уредбата не се споменуваат рестрикции во домаќинствата. Според уредбата, се утврдуваат пет степени на ограничувања во зависност од недостигот од електрична енергија. Првиот степен се применува ако недостигот од електрична енергија изнесува од 5 до 10 проценти од количествата енергија во согласност со енергетскиот биланс на Македонија за тековната година, а најстрогиот, петтиот степен е за ограничување ако недостигот изнесува над 40 проценти од билансираните количества. При некои од рестрикциите, според уредбата, треба да се известат потрошувачите преку средствата за информирање или непосредно најмалку два часа пред примената на мерките.