И бројот на вработените во технолошко-индустриските развојни зони пораснал, така што тој сега изнесува 14.320 лица, што во однос на просечниот број на вработени за 2020 година е раст од 9,75 отсто

Регистрирана е рекордно полугодие во работењето на технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) во изминативе дваесет години, односно постигнат е обем на економска активност од над 1,559 милијарда евра извоз, изјави директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, презентирајќи го отчетот за работењето на ТИРЗ во првите шест месеци од годинава.
– Споредбено, забележан е раст од 68 проценти во однос на истиот период од 2020 година, 12,5 проценти раст за разлика од 2019 година и 33,5 проценти раст во однос на 2018 година. Овие бројки покажуваат дека економијата во рамките на ТИРЗ е на добар пат, остварен е реален раст и ќе работиме за овие бројки да продолжат да растат. Во одредени дејности постојат некои ризици, но овие бројки ќе поттикнеме дополнително да растат – кажа Деспотовски.
Директорот додаде дека рекорден е и увозот во зоните и изнесува 1,535 милијарда евра, што претставува раст од 90 отсто во споредба со истиот период минатата година.
– На увозот гледаме позитивно, компаниите увезуваат технологии и репроматеријали, што ќе придонесе во иднина извозните бројки да покажат дополнителен пораст – нагласи Деспотовски.
Тој дополни дека бројот на вработени сега изнесува 14.320 лица, што во однос на просечниот број на вработени за 2020 година е раст од 9,75 отсто.