Со вкупен износ од 470 милиони евра и 31 мерка, Владата ќе се обиде финансиски да им помогне на граѓаните, но и компаниите за да ја задржат ликвидноста и да го зачуваат секое работно место

Од денеска се очекува ребалансот на буџетот да се најде на дневен ред на собраниска седница, откако претходно заврши амандманската расправа за него. Ова е втор ребаланс на буџетот за годинава и со неговото усвојување всушност треба да започне и имплементацијата на четвртиот пакет мерки за поддршка на граѓаните и стопанството за излез од кризата предизвикана од ковид-19. Со вкупен износ од 470 милиони евра и 31 мерка, Владата ќе се обиде финансиски да им помогне на граѓаните, но и компаниите за да ја задржат ликвидноста и да го зачуваат секое работно место. Очекувањата на Владата се дека со новиот сет мерки ќе се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, ќе закрепнат одредени дејности, а ќе се обезбеди и стабилност на социјалните трансфери и ќе се поттикне јавната потрошувачка.
Дел од новиот пакет мерки се платежните картички во износ од 6.000 денари, кои ќе ги добијат самохрани родители, пензионери со пензии до 15.000 денари, пасивни баратели на работа и самостојни уметници… Платежни картички „купувам домашно“, пак, ќе добијат оние студенти што беа заборавени со третиот пакет мерки. За компаниите ќе бидат обезбедени нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка, а продолжува и мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за вработените за која предлог-законското решение веќе ја помина владината процедура и ќе биде доставено на усвојување во Собранието. За разлика од претходно, сега, со новото законско решение, е предвидено компаниите со најголем пад на приходите да добијат најголема поддршка за исплата на плати.

Така, компанијата што има намален приход од над 80 проценти, ќе добие финансиска поддршка за исплата на плати до 21.776 денари по вработен, додека компаниите со намален приход од 30 до 40 проценти ќе добијат поддршка до 14.500 денари по вработен. За намален приход од 40,01 до 50 проценти се предвидени до 15.955 денари по вработен, за намален приход од 50,01 до 60 проценти до 17.410 денари, за намален приход од 60,01 до 70 проценти до 18.865 денари по вработен и за намален приход од 70,01 до 80 проценти до 20.320 денари по вработен.