И додека стопанството со нетрпение го чека носењето на ребалансот на буџетот и ветената помош за исплата на платите, неговото изгласување најверојатно ќе заглави во Собрание. По внесените измени, ребалансот од вчера е пред пратениците, но за него, како што информираа од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, се поднесени 188 амандмани.
– Ребалансот на буџетот што се наоѓа во Собрание е целосно неразвоен и нема да даде одговор на ковид-пандемијата како на здравствен така и на економски план. Државата е задолжена за речиси една милијарда, долгот е на историско највисоко ниво, имаме 40 илјади нови невработени. Наместо да инвестираме во проекти и мерки што ќе креираат нови работни места, Владата ќе ги потроши парите на мерки за предизборен поткуп што го спроведоа пред изборите – кажа Бојан Стојаноски, пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Во согласност со ветувањата од Владата, со изгласувањето на буџетот ќе може да се реализира поддршката за стопанството, за кое се предвидени и исплата на плати, но и да се вратат ветените средства од мерката „Викенд без ДДВ“.

– Со овој ребаланс се обезбедуваат 470 милиони евра за реализација на четвртиот пакет мерки за справување со економските последици од корона-кризата. Преку овој пакет мерки, 70 милиони евра ќе бидат наменети за поддршка на 83.000 работни места, односно ќе се субвенционираат вкупно 250.000 плати за месеците октомври, ноември и декември. Со 27,6 милиони евра ќе им се помогне на 283.000 граѓани, кои ќе добијат домашни платежни картички во вредност од по 6.000 денари. Домашни платежни картички ќе добијат пензионери со пензии до 15.000 денари, самохрани родители, невработени лица, како и лица над 64 години, а кои немаат социјална пензија ниту други приходи. Покрај овие, четвртиот пакет содржи уште дваесетина мерки преку кои обезбедуваме силна поддршка за компаниите преку поволни кредити, грантови, но и даночни олеснувања за брзо закрепнување на секторите што се најмногу погодени – посочи Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Како што е наведено во ребалансот, тековните трансфери се планирани на ниво од 178,2 милијарди денари, или за околу 12,1 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2020 година, а се однесуваат пред сѐ на преземените мерки за обезбедување средства за имплементација на економските мерки донесени за справување со кризата.
– Четвртиот сет мерки се во насока на продолжување на мерките од претходните три сета мерки, за понатамошно закрепнување на домашната економија и се однесува за последниот квартал од оваа година, за ефектот во економскиот сектор да биде побрз, подиректен и потаргетиран. Овој сет на мерки се состои од три столба, првиот е наменет за граѓаните, социјалниот сегмент што се однесува на граѓаните и нивниот стандард за соочување со овој период. Вториот столб се однесува на приватниот сектор, односно економската активност и работните места, сите активности што подразбираат ликвидност, финансиската стабилност и економското закрепнување. Третиот столб подразбира фискална и финансиска стабилност воопшто во економија, вклучувајќи ја и финансиската стабилност на општините – пишува во воведот на документот испратен во Собранието.