Бројни предупредувања за актуелните глобални проблеми се во центарот на вниманието на Светскиот економски форум во Давос, каде што присуствуваат политичките и лидерите од бизнис заедницата, пренесуваат светските медиуми.

Во прв план е алармантното писмо од влијателниот инвеститор Сет Кларман, познат по неговите педантни анализи на полето на инвестициите, кое предупредува на глобалните социјални тензии, зголемувањето на задолженоста и отсуството на лидерство во САД.

– Бизнисот не може да се одвива како вообичаено, наспроти постојаните протести, нереди, блокади и социјалните немири – смета Кларман кој управува со „Баупост групата“, која располага со 27 милијарди долари.

Тој ги изнесе неговите ставови во писмо од 22 страници упатено до инвеститорите, кое циркулираше во пресрет на собирот во Давос. Кларман, кој е познат под прекарот „пророкот од Бостон“, не е присутен во Давос, но неговото мислење е ценето во бизнис-круговите.

– Семињата на следната голема економска криза можат да бидат пронајдени во денешните нивоа на задолженост. Не може да се каже кога долговите се преголеми, но САД неминовно ќе дојдат до точка на која скептичниот пазар ќе престане да дава заеми по сегашните стапки. Кога таквата криза ќе удри, ќе биде предоцна за средување на проблемот – предупредува Кларман.

Инвеститорот потенцира дека кризата која доаѓа би можела да резултира и со насилство, а не само со финансиска загуба.

– Не е тешко да се замисли зголемувањето на општествениот немир на оваа генерација, која заостанува на економски план и се чувствува издадена поради националната задолженост која е направена без придобивки за нив – заклучува Кларман, кој жестоко се противи и на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп.

Британецот, сер Дејвид Атенбороу, пак, предупреди оти „рајската градина веќе не постои“, упатувајќи апел кон светските политички и бизнис-лидери да направат напор во справувањето со климатските промени, пред штетата да стане непоправлива.

– Јас сум од друго доба. Роден сум за време на холоценската епоха (геолошки период – н.з), која претставува период на климатска стабилност што им овозможи на луѓето да создаваат цивилизации. Тоа се смени во мојот животен век. Холоценската епоха заврши. Рајската градина веќе ја нема. Го сменивме светот во толкава мера, што придонесе научниците да велат оти живееме во друга геолошка епока – антропоценската. Мораме да ги надминеме меѓусебните обвинувања и да се зафатиме со практични задачи – објаснува Атенбороу, кој е телевизиски спикер и историчар.

Тој додаде и оти економските модели треба да се сменат, бидејќи „развојот ќе заврши, ненадејно или на контролиран начин“. Атенбороу се надева дека ќе влијае врз начинот на размислување на моќните учесници на Светскиот форум во Давос.