Фото: Игор Бансколиев

Прашавме некои од универзитетските професори дали има простор минималецот да достигне 16 илјади денари, како што предлагаат синдикатите. Експертската јавност има поделени ставови, едни укажуваат дека при растот на минималецот е потребна внимателност од сите чинители, а други оти има простор да се зголеми

Висината на минималната плата деновиве ја бранува јавноста. Синдикалните претставници бараат минималецот да се зголеми над 16 илјади денари. Преставниците на КСС посочуваат дека падот на БДП минатата година треба да се изземе од пресметките. Од Сојузот на синдикати на Македонија, пак, укажуваат дека трошоците за живот се зголемени и речиси е невозможно да се покријат основните потреби на семејствата со две минимални плати. Од друга страна, од Владата посочија дека минималната плата ќе продолжи да расте, но дека при нејзиното формирање институциите се должни да го почитуваат и да го спроведуваат Законот за минимална плата, бидејќи на тој начин граѓаните и работниците ќе бидат заштитени и нема да се соочуваат со неизвесност.
Колкави се можностите за раст на минималната плата и колку здравствено-екoномската криза ги наруши изгледите за нејзин раст? Прашавме некои од универзитетските професори колку треба да порасне минималната плата и дали има простор таа да достигне 16 илјади денари, како што предлагаат синдикалните претставници. Експертската јавност има поделени ставови, едни укажуваат дека при растот на минималецот е потребна внимателност од сите чинители, а други истакнуваат оти има простор да порасне како што предлагаат синдикатите.
– Во услови на пандемија, кога имаме ситуација во која повеќе од 25 илјади граѓани го изгубиле работното место, неопходна е поголема внимателност во поглед на минималната плата, од сите чинители. И порано нашиот експертски став беше дека минималната плата треба да расте во согласност со продуктивноста. Меѓутоа, пандемијата го наруши тој тек, не само поради згаснувањето на работните места туку и поради огромен број работни места каде што работните часови се намалија поради наметнатото затварање и ограниченото движење, но беа задржани благодарение на владините мерки за зачувување на работните места.

Во такви околности, основната цел треба да биде тие работни места да се задржат, бидејќи кризата и понатаму трае и не би сакале да видиме нагло растење на невработеноста. За позначаен пораст на минималната плата би се разговарало по нормализирање на економската и здравствената ситуација – објаснува професорот Марјан Петрески од универзитетот „Американ колеџ“.
Од друга страна, професорот Здравко Савески вели дека има простор за зголемување на минималната плата, бидејќи таа со години се држи пониска од потребното ниво. Савески укажува дека како резултат на ниските плати, на минималните и на преостанатите потпросечни плати, во последната деценија има огромен пораст на нееднаквоста и голема концентрација на богатството во мал број раце.
– Кај нас капиталистите се учени на екстра профити, на исклучително висока добивка. И сѐ што е под тоа ниво го чувствуваат како незадоволително и веднаш кога ќе се отворат ваквите теми ја активираат својата пропагандна машинерија дека наводно ќе морале да отпуштаат работници ако и малку им се чепне во профитот. Притоа, парите што се извлекуваат од производствениот процес, во мал дел ги реинвестираат и тие завршуваат како нивна луксузна потрошувачка или им се трупаат на банкарските сметки – објаснува Савески.
Тој дополнува дека е потребно да се зголеми нивото на реинвестирање на добивката и фискални мерки што ќе го стимулираат тоа реинвестирање. Според Савески, на овој начин ќе се зголеми и продуктивноста, па и зголемувањето на платите ќе има дополнителна основа.
Универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети за „Нова Македонија“ истакнува дека при определувањето на прагот на минималната плата, покрај социјалната димензија, треба пред сѐ да има предвид и продуктивноста.
– Секое зголемување на минималната плата без проследување на растот на продуктивноста не може да биде „издржана“ од работодавците и економијата во целина. Првиот раст т.е. голем скок од претходниот праг во актуелната висина од 14.500 денари се покажа дека е издржлив од реалната економија. Следниот раст треба да биде пресметан откако ќе се согледаат последиците од реалната економија т.е. во консултација со економската комори и асоцијации каде што гравитира (членува) доминантен дел од економските субјект т.е. пред да се следи „синдикалната логика“ треба да се следи економската логика – објаснува Беџети. Професорот дополнува дека висината од 15.400 денари претставува пореална опција и покрај тоа што не се разликува многу од предлогот за 16.000 денари.

– Растот на платите (просечните) не може да се поттикне само преку минималната плата и покрај тоа дека на прв поглед изгледа како добар механизам. Треба да се следи преку т.н. систем на плати за ефикасност, а не плати заради социјален ефект. Секторите што се трудоинтензивни (текстил, кожа, дрво, примарни прехранбени производи и слично) треба посебно да се анализираат. Без емпириска и длабока анализа не би било добро да се донесе „административна“ одлука – заклучува Беџети.
Универзитетските професори Борче Треновски и Кристијан Кожески од Економскиот факултет – Скопје, во колумна објавена на порталот „Фактор“, посочуваат дека е потребна внимателност при носењето на одлуките за минимална плата. Објаснуваат дека не ги негираат фактите дека платите во одредени сектори се многу ниски и дека има потреба од раст на платите. Дополнуваат дека не ги занемаруваат фактите за зголемени трошоци во оваа здравствено-економска криза, особено кај граѓаните со најниски примања.
– Сакаме да потсетиме дека не треба да се заборави и фактот дека пазарот на трудот се води од пазарни сигнали и ќе најде начин да се урамнотежи. Оттука во услови на пандемија и ограничени ресурси (во време кога постоеја повици за намалување на преостанатите плати на минимално ниво), исти дилеми/прашања само од различен аспект си поставуваат самите и компаниите и работниците и државата: дали/како да се задржат работните места – дали е време и дали постои простор да се зголемуваат платите на работниците – пишува во колумната на Треновски и Кожески.
Професорите укажуваат дека постои можност повисокото ниво на законска минимална плата да влијае на зголемување на трошоците, намалување на конкурентската способност, зголемување на притисокот за намалување на работните часови или дури и намалување на бројот на вработени.

– Треба да појасниме дека често споменуваното просечно учество од 56,7 отсто на минималната во просечно исплатената нето-плата за 2020 год., кое во еден дел е основа за барањата од страна на синдикатите, е доминантно водено од учеството во просекот на високите просечни нето-плати во секторите информации и комуникации, финансиски дејности и осигурување, снабдување со електрична енергија, гас итн. – појаснуваат професорите. Се осврнуваат и на регионални диспаритети и дополнуваат дека нивното укажување за претпазливост при наредни приспособувања во системот на минимална плата е и од регионален аспект, имајќи предвид дека цената на трошоците за живот, разликите на пазарот на трудот, конкурентниот потенцијал на фирмите се разликуваат во одделните региони, што дополнително може да придонесат кон определени регионални економски и социјални дисторзии.
– Нашата елаборација е насочена кон укажување на внимателност и разбирање на аспектите на секоја од засегнатите страни и логиката на пазарните процеси (пред сѐ во време на пандемија), која може да доведе до промени во однесувањето на економските субјекти, пазарни дисторзии, кои на крајот повторно ќе ги ограничат очекуваните ефекти од политиката на минимална плата и реформите на пазарот на трудот – заклучуваат професорите во колумната.