Фото: Дарко Андоновски

Триесет проценти од вкупната потрошувачка на електрична енергија во Европската Унија се добиени од обновливи извори. Во Македонија, во јули, обновливите извори учествуваат со над 40 отсто во вкупното бруто-производство на електрична енергија

Последните податоци на „Евростат“ покажуваат дека од обновливи извори е добиена повеќе од една четвртина или 30 отсто од вкупната потрошувачка на електрична енергија во Европската Унија (ЕУ).

Притоа регистрирано е дека хидроенергијата е најважниот извор, односно најголемиот производител на електрична енергија од обновливи извори. Потоа следуваше енергијата добиена од ветерот, па од сонцето. Други обновливи извори за производство на електрична енергија вклучуваат дрво, биогас, обновлив отпад и геотермална енергија.

Во Македонија, според последните податоци објавени од Државниот завод за статистика, обновливите извори учествуваат со над 40 отсто во вкупното бруто-производство на електрична енергија. Имено од хидроцентралите во јули биле добиени дури 40,9 проценти од произведената енергија. Додека, пак, од ветерот е произведена 3,1 отсто од енергијата, од биогасните централи 1 отсто, а од соларните само 0,7 проценти.

– Република Македонија има преземено обврски за исполнување на целите на ЕУ-стратегијата 20/20/20. Поточно 20 проценти заштеда на енергија, 20 отсто помала емисија на гасови и 20 проценти учество на обновливите извори на енергија. Значи државата се обврзала до 2020 година да достигне 14,5 отсто заштеда на енергија во споредба со просечната потрошувачка од периодот 2002-2006 година, потоа намалување на емисиите на јаглероден диоксид од 2010 до 2020 година за 5.792 килотони јаглерод диоксид, учество од 21 процент на обновливите извори на енергија во финалната потрошувачка на енергија до 2020 година – кажа неодамна министерот Зоран Шапуриќ.

Доколку се погледне подетално потрошувачката на пет земји-членки на ЕУ, повеќе од половина од потрошената електрична енергија е генерирана од обновливи извори. Па, така, Австрија има дури 73 отсто од енергијата добиено од обновливи извори, Шведска 65, Португалија и Данска 54 проценти добиваат од ОИЕ, а исто така висок процент на енергија од обновливи извори има и Латвија (51 отсто).

Спротивно на нив, во Европската Унија има четири земји каде што помалку од 10 отсто од потрошената електрична енергија потекнува од обновливи извори, а тоа се Малта со 6 отсто, Луксембург и Унгарија со 7 и Кипар 9 проценти.