Интересот за добивање лиценци за производство на електрична енергија од сонце е навистина голем и е во постојан континуитет, велат од Регулаторната комисија за енергетика и додаваат дека досега се издадени 136 лиценци за производство на енергија, од нив 102 користат повластени тарифи, додека преостанатите ја продаваат на слободниот пазар по пазарни цени

Сѐ повеќе компании се интересираат и се одлучуваат за искористување на сончевата енергија во рамките на своето производство. Со законските измени делумно се отвори можноста компаниите, но и граѓаните да инвестираат во сончеви панели за производство на струја што ќе можат да ја користат за своите потреби, а како што посочуваат надлежните институции и компании што работат на изведба на сончевите панели, односно на постројките за производство на струја од сонцето, интересот рапидно се зголемува.

– Огромен интерес има од компании за инвестирање во панели од кои ќе добиваат енергија. Притоа има различни барања, некои од нив бараат да се инвестира во системи од кои ќе добиваат енергија за погоните за производство или, пак, само за потребите во преостанатите придружни канцеларии. Имаме две компании што меѓу првите ја препознаа оваа поволност и веќе инвестираа во системи, а сега сакаат и нивно проширување – истакна Горан Паунов, генерален директор и управител на една од компаниите во кои се произведуваат сончеви панели.

Како што информираат од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), досега се издадени 136 лиценци за производство на електрична енергија добиена од фотонапонски електроцентрали. Моментално во РКЕ во тек се осум постапки за издавање лиценца за производство на електрична енергија, од кои шест се за добивање енергија од фотонапонски електроцентрали.

– Интересот за добивање лиценци за производство на електрична енергија е навистина голем и е во постојан континуитет. Во Регулаторната комисија за енергетика постојано пристигнуваат прашања во однос на тоа кои се условите за добивање лиценца. Досега се издадени 136 лиценци за производство на електрична енергија, од нив 102 користат повластени тарифи, додека преостанатите ја продаваат произведената енергија на слободниот пазар по пазарни цени – појаснуваат регулаторите.
Во согласност со Законот за енергетика, лиценца не е потребна за производство на енергија од обновливи извори наменето за сопствена потрошувачка, при што вишокот се предава во електродистрибутивната мрежа, а притоа инсталираната моќност на постројката за производство не е поголема од 20 киловати за правни лица и 4 киловати за домаќинства.

Заштедата што би ја постигнале компаниите со инсталирање систем за производство на електрична енергија зависи од инсталираната моќност на панелите, начинот на потрошувачка на енергијата зависно од секојдневните активности, односно од производствените процеси што ги спроведуваат, како и од други фактори.
– Придобивките од ваквите проекти, покрај искористувањето на природните ресурси, секако е и намалувањето на зависноста од производството од термоцентралите, кои го користат јагленот за производство на електрична енергија. Македонија, како земја со аспирации да стане земја-членка на Европската Унија, неопходно е да го следи трендот на зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори и намалување на производството од постројките што емитуваат јаглерод диоксид – истакнуваат од РКЕ.

Географската позиција и климата во нашата земја нудат добра перспектива за користење на сончевата енергија. Вкупното годишно зрачење варира од 1.250 киловат-часа на квадратен метар во северниот дел, до 1.530 во југозападниот дел.
Упатените во проблематиката со искористување на сончевата енергија за производство на струја, сепак, истакнуваат дека постапката за добивање дозвола за ваква инсталација е доста сложена и неопходни се трпение и нерви за да се соберат сите потребни документи.

– Иако делумно се подобрени условите за поставување сончеви панели за производство на струја, сепак сѐ уште е тешко истото тоа да се спроведе бидејќи е потребно вадење повеќе документи. Иако има поедноставување за домаќинствата до 4 киловати и за компании до 20 киловати, сепак постапката и натаму е тешка. Од друга страна, на терен често се соочуваме и со проблем во одредени институции или општини каде што се чека цел месец за да добиеме некој од документите. Имаме општини, кои, дали од незнаење или од други причини, ја усложнуваат постапката и скоро е невозможно да ги извадиме потребните документи – вели Паунов и додава дека е неопходно да се олеснат процедурите за поставување панели за искористеноста на сонцето да биде уште поголема.


Создадена соларна печка што произведува струја за индустријата

Компанијата „Хелиоген“, која се занимава со чиста енергија, објави дека открила начин со помош на вештачка интелигенција и серија огледала да фати огромно количество соларна енергија, која создава екстремна топлина од над 1.000 степени Целзиусови. Компанијата всушност креирала соларна печка во која може да се постигне температура, која изнесува приближно четвртина од онаа што се наоѓа на површината на сонцето, пренесува Си-ен-ен. Тие успеале првпат да ја концентрираат соларната енергија за да може да се користи при производство на цемент, челик, стакло и други индустриски производи. Од компанијата истакнале дека сончева светлина наскоро би можела да ги замени фосилните горива во значаен дел од индустријата и така да се намалат штетни стакленички гасови.
– Тоа е технологија што е поевтина од фосилните горива, и која притоа не произведува јаглерод диоксид – изјави Бил Грос, основач и извршен директор на „Хелиоген“, за Си-ен-ен.
Еден од проблемите со соларната енергија е дека сонцето не сјае секогаш, а индустриските постројки како што се оние што произведуваат цемент или челик, имаат постојана потреба од високи температури. Од компанијата посочиле дека овој проблем би можел да се надмине со системи за складирање, каде што ќе се чува соларната енергија за облачни денови.


Полска ќе ја гради една од најголемите соларни централи во Европа

Полска планира да гради соларна централа на површина од речиси 100 хектари и се очекува таа да биде меѓу најголемите во Европа, така што ќе може да снабдува со струја околу сто илјади семејства. Државниот производител на енергија ПГЕ планира и нови инвестиции во соларната енергија, предвидувајќи зголемување на производствените капацитети во тој сегмент на 2,5 гигавати до 2030 година.
Полска во моментов произведува речиси 80 отсто од струјата со помош на јаглен. Домашните и меѓународните критичари сметаат дека транзицијата кон почисти извори на енергија се одвива пребавно. С.Т.