Фото: Архива

Податоците од Регистарот на цени и закупнини уште покажуваат дека најмногу станови под хипотека има во Скопје, каде што од вкупно 321.430 стана, заложени се 69.668 стана или 21,67 отсто

Пандемијата на ковид-19 се чувствува и на пазарот за недвижности

Пораснал бројот на станови под хипотека од почетокот на април до крајот на јуни оваа година, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини, според кои под хипотека во државава се 12,8 отсто од купените станови.
Имено, од вкупно регистрирани 1.095.579 стана, хипотека е впишана на 140.571 стана. На крајот на минатата година под хипотека биле 132.527 стана, а во првиот квартал годинава тој број се зголемил на 138.425.
Во вториот квартал, споредено со првиот квартал кога настапи пандемијата на ковид-19, намалена е купопродажбата на недвижнини, односно се регистрирани 562 трансакции помалку, а кај закупите намалувањето е за 1.347.

Податоците од регистарот уште покажуваат дека најмногу станови под хипотека има во Скопје, каде што од вкупно 321.430 стана, заложени се 69.668 стана или 21,67 отсто. Следуваат Неготино со 2.413 стана или 18,6 отсто, Гевгелија со 16,5 отсто, Кавадарци со 14 отсто, Битола со 13 отсто, Штип и Кочани со по 12 отсто и Струмица со 11,9 отсто. Кратово, пак, е општина со најмалку станови под хипотека, само 1,34 отсто, а со мал број станови под хипотека се и Македонски Брод и Крива Паланка, со по 1,71 и 2,4 отсто.
Споредено со првиот квартал, во вториот квартал во Скопје има 1.259 повеќе впишани хипотеки, односно нивниот број се зголемил од 68.409 на 69.668.

Податоците од Регистарот на цени и закупнини покажуваат и дека во вториот квартал годинава се намалени купопродажбите на недвижности за 562 трансакции во однос на истиот квартал од минатата година. Најголемиот број продажби припаѓаат на становите, односно 42 отсто. Споредено со првиот квартал, во второто тримесечје годинава има зголемување на продажба на становите за девет отсто. За исто толку проценти, пак, се намалил бројот на трансакции со земјоделско земјиште, односно од 36 отсто во првиот квартал на 27 отсто во вториот. Градежното земјиште во овој квартал учествува на пазарот на недвижности со 14 отсто, куќите со девет отсто, деловните простори со четири отсто, преостанатите недвижности со три отсто и индустријата со еден отсто од пазарот на недвижности. Најголема активност на пазарот е забележана во јуни, кога имало 1.381 продажба, а најмала активност во мај, односно 873 продажби. Во април се регистрирани 943 продажби на недвижности.

Анализата од регистарот покажува и дека најголем број продадени станови има во Општина Аеродром, односно во овој период се продадени 343 стана, додека, пак, најголем број продадени куќи, 31, има на територијата на Општина Битола. Во Општина Центар, пак, се забележани најмногу продажби на деловен простор, 18, а најмногу недвижности од типот на земјоделското земјиште се продадени во општините Куманово, Битола и Чешиново и Облешево со по 30 продажби. Најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во Општина Сарај со 76 продажби. Во овој квартал се регистрирани и продажби на 13 индустриски објекти, и тоа во поголем број општини. Во Регистарот на цени и закупнини во вториот квартал се запишани и 876 закупи, за 1.347 помалку трансакции во однос на првиот квартал кога биле регистрирани вкупно 2.223. Во јануари имало 642, во февруари 811, во март 770, додека во април се регистрирани 196, во мај 262, а во јуни 418.

Од закупите во вториот квартал најголем процент, 41, отпаѓа на деловни простори, по што следуваат становите со 28 отсто, земјоделското земјиште со 13 отсто, куќите со 12 отсто, а градежното земјиште и индустријата со три отсто.
На Регистарот на преземени недвижности, пак, преку кој се нуди на продажба одземен имот, во моментот се продаваат 91 стан, 165 деловни простории, 47 гаражи, 75 помошни простории, како и 134 парцели (градежно неизградено земјиште, дворни места, земјишта под згради, неизградено земјиште, шуми, лозје, ливади, пасишта, овоштарници).