Фото: Маја Јаневска-Илиева

СПОРЕД АГЕНЦИЈАТА ЗА СУПЕРВИЗИЈА НА ОСИГУРУВАЊЕ

Вложувањата во полиси за неживотни осигурувања достигнаа пет милијарди денари или 81,2 милион евра во првите шест месеци од годинава, што е за 15,6 отсто повеќе во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Најголем раст на вложувањата во осигурување има кај приватното здравствено осигурување и осигурувањето имот. Со намалувањето на рестрикциите за патување, зголемување се бележи и кај продажбата на зелени карти и патничко осигурување.
Вложувањата во здравственото приватно осигурување во првите шест месеци од годинава надминале 3,8 милиони евра, што е 38 отсто повеќе од лани.

Осигурувањето имот достигнало вредност од 22,7 милиони евра, што е за 3,4 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани. Притоа, вложувањата на компаниите, институциите и другите правни лица во осигурувањето на имот изнесувале 17,3 милиони евра, што е за 29 отсто повеќе од истиот период во 2020 година.
– Растот на вложувањата во полиси за неживотно осигурување е очекуван со оглед на фактот што минатата година беше исклучително тешка поради многубројните ограничувања и рестрикции што ги наметна здравствената пандемија предизвикана од корона-кризата. За половина година се склучени 634.567 договори за неживотно осигурување, 16 отсто повеќе од лани – велат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Вложувањата во неживотно осигурување во првата половина на годината се поголеми за 13,6 проценти и во однос на 2019 година.
Осигурувањето од автомобилска одговорност за половина година изнесувало 28,3 милиони евра и претставува зголемување за 14 проценти во однос на истиот период лани, а продажбата на зелен картон достигнала 6,6 милиони евра, што претставува раст од 34 отсто, додека на патничкото осигурување 775.000 евра или 18 отсто повеќе од лани. Е.Р.