Регионалните разлики и најлошата позиција на Полошкиот Регион, како што велат експертите, меѓу другото, се должат и на пренасочувањето на младите во јавниот сектор, како најголем работодавец по постигнувањето на рамковниот договор

Привлечната моќ на метрополата, но и рамковните вработувања во државната администрација, според објаснувањата на експертите, со години ја ослабуваат економијата во внатрешноста на земјава, при што најеклатантен пример е Полошкиот Регион, каде што според последните податоци на Државниот завод за статистика, БДП по жител е за речиси 5.000 евра помал во однос на БДП по жител во Скопскиот Регион. Разликата помеѓу регионите во Македонија за бруто-домашниот производ по жител и просечната нето-плата е драстична и неспоредлива наместо да се намалува, односно да се приближуваат регионите еден кон друг. Јазот во животниот стандард помеѓу Скопскиот Регион и другите седум региони од година на година сѐ повеќе се продлабочува. Ако се следат вредностите на бруто-домашниот производ по жител, јасно ќе се забележи дека разликата е огромна меѓу најсиромашниот и најбогатиот регион.
Овие податоци индицираат лоша регионална политика, смета економскиот аналитичар Здравко Савевски.
– Покрај проблемот на мигрирањето надвор од државата, има големо мигрирање во Скопскиот Регион, што се должи на подобрите шанси за вработување и за повисоки плати. Сето ова значи дека заложбата за рамномерен регионален развој треба да престане да биде празна флоскула и да почне да се применува во практиката – објаснува Савевски.

Државата, според Савевски, треба да предвиди поголеми капитални инвестиции во помалку развиените подрачја, поголемо стимулирање на вработувањето во другите региони освен во Скопскиот, како и различни бенефиции за странските инвеститори во другите региони освен во Скопскиот.
– Досега не се правеше разлика помеѓу Скопскиот и другите региони, но ако не се прави разлика, тогаш она што се добива и понатаму ќе се добива, а тоа е концентрација на инвестициите, вработувањата и на населението во Скопскиот Регион – истакнува Савевски.
Според Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, регионалните разлики и најлошата позиција на Полошкиот Регион во однос на сите други плански региони се присутни веќе од 2006 година наваму.

– Прво, посебен проблем претставува перманентно влошениот тренд што довел до ваков голем јаз и најверојатно ќе продолжи, затоа што од поодамна се запоставени политиките и мерките за порамномерен економски развој. Тие биле толку незначајни или, пак, ако ги квантифицираме финансиски, биле некаде 17-18 пати пониски од тоа што го наложува законот. Буџетот на Бирото за рамномерен економски развој изнесува околу шест милиони евра годишно, а треба најмалку 100 милиони – истакнува Беџети.
Тој додава дека, покрај недостигот од мерки, за создавање на овој проблем придонеле и драстичните промени на економската структура на регионите, од екстремната деиндустријализација на регионот до непродуктивното и неисплатливото земјоделство во Полошкиот Регион.
– Негативни ефекти на целата состојба во државава даваат и високата невработеност во реалниот сектор и пренасочувањето на младите во јавниот сектор како најголем работодавец по постигнувањето на рамковниот договор. Исто така, одредено влијание има и неформалната економија, која е малку повисоко од просечната економија – истакна Беџети.

Тој нагласува дека стандардот може да се подобри преку инвестициски зафати, како во приватниот сектор, за кој се потребни стабилна бизнис-клима и институции, така и преку капитални инвестиции од јавниот сектор, како гасификација, енергетика, екологија, образование, здравство…
Инаку, според неодамна објавените податоци на Државниот завод за статистика, БДП по жител во Полошкиот Регион е за речиси 5.000 евра помал во однос на БДП по жител во Скопскиот Регион. Околу 2.400 евра изнесува БДП по жител во Полошкиот Регион, додека во Скопскиот Регион тој изнесува околу 7.300 евра. Ова укажува дека граѓаните од поголемите општини Тетово и Гостивар и тие што гравитираат во овој дел, како Јегуновце, Желино, Маврово и Ростуше, Теарце и други, имаат најнизок стандард во однос на нивните сограѓани во другите седум плански региони. Освен во Полошкиот Регион, под просекот на државниот БДП по жител се и во Југозападниот, Источниот и Североисточниот Регион.

Уште еден показател за длабоките разлики во стандардот на граѓаните се и платите. Фрапантен е податокот дека само во Скопскиот Регион просечната нето-плата е над просекот во земјава. Конкретно, највисока просечна нето-плата има во Скопскиот Регион, на ниво од 28.872 денари, а најниска во Североисточниот Регион, каде што изнесува 19.761 денар. Разликата е околу 9.000 денари. Според истражувањето на ДЗС, и невработеноста е со различен интензитет во сите региони. Североисточниот Регион е на врвот според невработеноста, со стапка од 33 отсто. Зад него, со 28,5 отсто невработеност, е Полошкиот Регион, потоа Југозападниот со 24,4 отсто, Скопскиот со 14,7 отсто, Пелагонискиот со 13,1 отсто, Вардарскиот со 10,8 отсто, Источниот со 7,8 отсто, а најниска стапка на невработеност има Југоисточниот Регион – 6,3 отсто.