Недовршената пруга кон Бугарија со години наназад е дел од планираните капитални инвестиции Фото: Маја Јаневска-Илиева

Предлог-буџетот за 2020 година предвидува раст на платите кај здравствените работници и кај наставниот кадар, но и на пензиите. Се очекува и подобра реализација на капиталните инвестиции, но тие се под знак прашалник поради изборите

Предлог-буџетот за 2020 година, според најавите на премиерот Зоран Заев и на министерката за финанси Нина Ангеловска, е скроен за поголеми инвестиции во човечкиот капитал, односно за подобар образовен, здравствен и социјален систем. Така ја објаснија проекцијата за раст на платите кај здравствените работници и кај наставниот кадар, но и на пензиите. Иако за следната година најавија и подобра реализација на капиталните инвестиции, како двигател на економијата, особено во градежниот сектор во земјава, самиот факт дека ќе има предвремени избори, а претходно и техничка влада, јавноста ја остава резервирана кон овие проекции, особено поради тоа што реализацијата на капиталните инвестиции постојано потфрлува.

– Се наоѓаме во една сложена ситуација. Следната година има избори и свесни сме сите дека секојпат кога има избори, тие што се на власт им ветуваат на граѓаните сѐ што би сакале граѓаните да слушнат. Факт е дека имаме разни групи граѓани што имаат различни интереси, како на пример групи пензионери, групи здравствени работници, па властите гледаат како на сите да им угодат поради изборите што доаѓаат. Немаме влада што направила стратегија каде ќе се движи државата, а особено економијата во земјава, и врз основа на таа стратегија да ги формираат политиките, туку само како да ги задоволат граѓаните за тие да ги изгласаат на следните избори – посочува бизнисменот Мендерес Кучи, некогашен прв човек на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Тој истакнува дека, со оглед на искуството во земјава, не може да се потпираме на ветувањата на политичарите и додава дека истото тоа важи и за предвидувањата за реализација на капиталните инвестиции.
– Изминативе години капиталните инвестиции беа значително намалени, а истите тие треба да се двигател на економијата. Наместо капиталните инвестиции да го диктираат растот на БДП, тие изминативе години беа слабо реализирани. Тешко дека работите значително ќе се променат следната година, особено поради фактот дека имаме предвремени избори – посочува Кучи, кој истакнува дека за да се подобри животниот стандард на граѓаните, неопходно е економскиот раст да биде над 6 проценти.

Предлог-буџетот за 2020 година изнесува 3,9 милијарди евра, при што приходната страна на буџетот е проектирана на 3,6 милијарди евра, а дефицитот на 2,3 проценти. Притоа, како што информираа министерката и премиерот, дефицитот се намалува од 2,5 отсто, колку што изнесува оваа година. Како што истакнаа и двајцата, најголем дел од средствата во буџетот за следната година ќе биде вложен во човечкиот капитал.

– Доколку не вложуваме континуирано во човечкиот капитал, како земја нема да имаме работна сила подготвена за работните места на иднината, нема да бидеме конкурентни со светската економија и нема да може да го одржиме економскиот пораст. Свесни сме дека како земја според индексот на човечки капитал, кој ја мери потенцијалната продуктивност на детето во согласност со инвестираното во него преку здравството, образованието и социјалната грижа, заостануваме во регионот – кажа Ангеловска.
Капиталните инвестиции за 2020 година изнесуваат 23 милијарди денари и се проектирани во согласност со досегашната реализација и капацитет на институциите.

– Инвестициите се наменети за интензивирање на инфраструктурните проекти за вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Интензивно ќе продолжат активностите за привршување на изградбата на првата фаза од Националниот гасоводен систем на делницата Штип – Неготино – Кавадарци – Битола и на делницата Скопје – Тетово – Гостивар, кои се финансираат и со средства од заем од Дојче банка и Ерсте груп банка. Од Гостивар, кракот на примарниот гасовод ќе продолжи до Кичево. Проектирано е дека до крајот на идната година ќе завршат работите на примарната гасоводна инфраструктура и ќе започнат работите на мрежата со која го носиме гасот до граѓаните и компаниите – нагласи Заев.

Зголемување на буџетите има кај Министерство за здравство од 38 милијарди денари, Министерство за образование 28 милијарди денари, а тоа, покрај другото, се должи и на платите на вработените во овие сектори.
За загадувањето на воздухот се предвидени 100 милиони денари. Дополнително се вложуваат 10 милиони евра од буџетот на ЕСМ, за набавка на еколошки инвертери за 10.000 домаќинства.
За Министерството за одбрана се предвидени 10 милијарди денари заради спроведување на реформите за НАТО.

Премиерот во неколку наврати посочи дека нема задолжување за исплата на плати туку задолжувањата ќе бидат исклучиво за капитални инвестиции. Тој исто така додаде дека следната година треба да се вратат стари долгови во висина од 439 милиони евра.
Јавниот долг до крајот на годинава се очекува да достигне 49,4 проценти, а за идната година се предвидува да порасне на 51,2 процент.

– Буџетот за 2020 предвидува подобрување на стандардот и на возрасните лица, на нашите пензионери. За 2020 година со буџетот е планирано покачување на пензиите, дополнително на редовната индексација со трошоците на живот. Пензионерите заслужуваат, тие одработија за ова наше заедничко општество и затоа нивниот животен стандард треба да го следи подобрениот животен стандард на вработените. Пензиите ќе пораснат за 700 денари и заедно со веќе постојното усогласување со растот на трошоците за живот ќе пораснат вкупно за 850-900 денари – истакна Заев.