На долг рок е битно да се работи на зголемување на потенцијалот на економијата, односно да може економските политики рапидно да ја поместат Македонија со стапка на пораст што е долгорочна

Динамизиран и долгорочен економскиот пораст Македонија може да постигне само со радикални промени на економските политики. Приоритетите мора да бидат насочени кон зголемување и поддршка на производството, извозот, инвестициите, пристап до финансирање на компаниите, продуктивноста на работната сила преку континуирано унапредување на образовниот процес, како и зајакнување на конкурентноста и намалување на сивата економија.

Порастот на бруто-домашниот производ од 4,1 отсто во првото тримесечје од оваа година покажува најголема економска активност што ја евидентира Државниот завод за статистика во последните пет години. Последниот пат, порастот на БДП бил над 4 отсто во третиот квартал од 2014 година. По одделни сектори, најголем пораст е забележан во земјоделството и тоа од 13,6 отсто, а потоа следува градежништвото каде што има зголемување од 7 отсто, трговијата на големо и мало со пораст од 6,6 отсто, преработувачката индустрија – 3,5 отсто и јавната управа со 2,5 отсто. Според овие податоци може да се забележи дека приватниот сектор, а не државата стана двигател на економскиот пораст.

Од институтот за економски истражувања и политики, „Фајненс тинк“, објаснуваат дека порастот на БДП од 4,1 отсто ги покажува првите постабилни знаци дека економијата добива моментум.

– За разлика од претходно, порастот е на поширокопојасна основа, со оглед дека најголем дел од секторите во економијата забележуваат пораст. Во овој квартал, двигател на економијата остануваат финалната потрошувачка и извозот, додека раните позитивни знаци кај инвестициите, забележани на крајот од 2018 година, сега се потврдени и стабилизирани. Во услови на отсуство на владин фокус врз економијата и значајна подреализација на државните капитални инвестиции, економските резултати за првиот квартал се оптимистички, особено што приватниот сектор е главен генератор на економскиот пораст – сметаат од „Фајненс тинк“.

Оттаму додаваат дека позитивните придвижувања кај БДП се проследени со понатамошно значајно намалување на невработеноста на 17,8 отсто на крајот од првиот квартал од 19,4 отсто на крајот од претходниот квартал. Овој пад и понатаму се должи на зголемената побарувачка за работници во приватниот сектор, особено кај големите работодавци и во слободните зони, а делумно и на раздвижениот пазар на труд поради активните мерки за вработување.

– Во согласност со ваквите резултати и очекуваните движења и политики во 2019 година, ние ја задржуваме проектираната стапка на пораст на БДП за 2019 на 3,3 отсто, со значајно изразени нагорни изгледи. Ваквата проекција може да биде и значително натфрлена до крајот на годината, доколку Владата стави брз и интензивен фокус врз економијата, и особено врз овозвожувачката средина за приватниот бизнис-сектор. Позитивен перцептивен импулс за порастот ќе има и отпочнувањето на процесот на преговори со Европската Унија – објаснуваат од институтот.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, фокусот мора да остане на создавањето додадена вредност, што ние како мала економија, која е сиромашна со ресурси, може да го постигнеме само преку извоз, и тоа преку постојано подобрување на структурата на извозот.

– Странските инвестиции треба значително да ни помогнат во таа насока. Секако, прашањата за прераспределба не треба да бидат исклучени, но во оваа фаза тие треба да останат подредени на создавањето нова вредност – објаснува тој.
Како што вели Петрески, на долг рок е битно да се работи на зголемување на потенцијалот на економијата, односно да може економските политики рапидно да ја поместат Македонија со стапка на пораст што е долгорочна.
– Првиот фактор што сметам дека ќе го помести долгорочниот пораст на економијата е производствената база во економијата – истакна Петрески.
Тој притоа ги има предвид првенствено домашните, но секако и странските производствени капацитети, со кои полека почна да има нагорен тренд и структурно поместување.

– Тој концепт никако не треба да се напушти, а имено за зголемување на производствената база, зајакнување на нејзината технолошка основа и поврзување со домашната производствена база што можеби не е доволно силна сама да се вклучи на меѓународните пазари и во глобалните синџири на снабдување – смета Петрески.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) истакна дека очекува порастот постепено да се приближува кон 3,5 отсто на среден рок, но за годинава, процената е пониска, до 2,8 отсто.

– Со подобрување на инвестициите од долготрајната криза, порастот на реалниот БДП е проектиран да достигне 2,8 отсто во 2019 година. Понатамошното зголемување на среден рок се должи на планираните инвестиции во инфраструктурата и посилниот извоз – велат од ММФ.

Според нивниот извештај, економијата исто така е подложена на прелевање од растечкиот протекционизам во глобалната економија и од затегнувањето на меѓународните финансиски услови.

– Од друга страна, пак, решителен притисок за структурни реформи и отворање на преговорите за пристапување во ЕУ би можеле да го зголемат порастот преку приливи на капитал и зголемена доверба – сугерираа претставниците на ММФ.
Иста прогноза има и Европската комисија, којашто предвидува македонската економија во 2019 година да достигне до 2,8 отсто, а во 2020 година до 3,1 отсто.
Во есенскиот извештај, Европската комисија наведува дека економското закрепнување на Македонија ќе зависи од политичката состојба и од нивото на инвестициите. Главните ризици се поврзани со можната политичка нестабилност што може да ги одврати инвеститорите.

– Европската комисија очекува економското закрепнување на Македонија да продолжи во 2019 година и 2020 година, но побавно од претходно проектираното. Клучни за развој на економијата ќе бидат инвестициите и фискалните стимулативни мерки што се очекува да бидат применети. Се очекува инвестициите да имаат значителен дел во економскиот пораст, инвестициската клима да се подобрува, како и да се зголемуваат корпоративното кредитирање и поддршка за компаниите – пишува во прогнозата.
Освен тоа, ЕК очекува и натамошно зголемување на извозот, на бројот на работни места и на платите.

Светска банка предвидува за Македонија пораст од 2,9 отсто. Како позитивни фактори од надворешното опкружување се оценува порастот на економијата во ЕУ, но како ризици се наведени затегнатите финансиски услови кон земјите во развој, што би подразбирало скапи кредити, стабилноста на регионот, ескалацијата на трговските спорови меѓу Кина и САД.

Во последниот извештај, Светска банка вели дека последните 20 години, просечниот економски пораст на Македонија е 2,9 отсто и ако продолжи истото темпо, на земјата ќе ѝ требаат над 70 години за да го достигне просечното европско ниво на доход. Ако порастот се зголеми на 5 отсто, тогаш целта ќе се реализира за 30 години.

– Македонија има потенцијал да стане земја со високи приходи, но е потребен одржлив економски пораст. Треба да се поттикне подинамичен и поконкурентен приватен сектор, вложување во луѓето за да се изгради конкурентна и приспособлива работна сила и да се оствари економска и социјална одржливост – велат од Светска банка.
Последните макроекономски проекции укажуваат на стабилни и сигурни основи на домашната економија, со потенцијал за солиден пораст, поддржан и од кредитната активност на банките, а при отсуство на инфлациски притисоци и задржување на поволната надворешна позиција.

Најновите проекции на НБРМ за следниот период вградуваат очекувања за стабилен и предвидлив домашен политички амбиент, како и повторно засилување на јавниот инфраструктурен циклус, и тие имаат најоптимистична прогноза за пораст на економијата од 3,5 отсто.

Околу ризиците, од НБРМ стравуваат дека на краток рок негативни ризици произлегуваат од зголемениот трговски протекционизам и од евентуалното побрзо затегнување на глобалните финансиски услови, а на среден рок можно акумулирање финансиски ранливости на глобален план, намалена глобална поддршка за општоприфатените економски политики и спроведување неодржливи макроекономски политики, како и од геополитички ризици.

[email protected]