Фото: Игор Бансколиев

Сметам дека треба пазарно да гледаме и на ова прашање и да гo решаваме недостигот од стручен кадар ние самите, бизнис-заедницата треба сама да инвестира во образованието на младите, вели првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески

Компаниите сами, преку иницијатива и активности, треба да се вклучат во образовниот процес заради создавање стручен кадар за кој сметаат дека е дефицитарен на пазарот, можат да побараат поголема застапеност на практичната настава во средните стручни училишта, но и да увезат кадар од странство. Ова се дел од насоките и размислувањата на бизнис-заедницата за кои вчера се разговараше на панел-дискусијата за недостигот од стручен кадар на пазарот на трудот.

– Стопанската комора е вклучена во образовните процеси и има тесна соработка со Министерството за образование, но сепак резултати, за жал, не гледаме. Јас лично сметам дека треба пазарно да гледаме и на ова прашање и да го решаваме недостигот од стручен кадар ние самите, бизнис-заедницата треба сама да инвестира во образованието на младите. Во еден разговор со бизнисмени од Словенија увидовме дека кај нив носител на товарот за образование на кадрите е работодавецот, а таа одговорност треба да ја преземат и работодавците во земјава – вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Азески, исто така, посочи дека одредени работодавци можат и сами да финансираат паралелки во средните училишта, со што учениците ќе добиваат соодветни знаења за нивните потреби.

Дека ваков тип соработка веќе има во земјава посведочија и ученици од средното училиште „Михајло Пупин“, кои се прва генерација што по завршување на училиштето ќе бидат вработени во компанијата ЕВН. Учениците посочија дека имаат практична настава со вработени од компанијата, но и дека во училиштето им се обезбедени неопходните материјали за работа, а од неодамна е направен и практичен полигон.
Овие ученици се дел од проектот наречен „20-20-20“, со кој би требало учениците што ќе завршат во рамките на оваа програма во 2020 година, а кои се 20 на број, да се вработат во компанијата и да добиваат плата од 20 илјади денари.
Азески, меѓу другото, истакна дека иако во земјава се отворени многу факултети, сепак, на стопанството му недостига добро образован кадар и дека треба да им се овозможи на стопанствениците што се подготвени да платат да го имаат тој потребен кадар, па дури и ако треба да се увезе работна сила.

Претставниците на комората повторно истакнаа дека, и покрај високиот степен на невработеност во земјава, се случува на огласите за вработување никој да не се пријави и констатираа дека причина за тоа е што некои од формално невработените работат на црно, а некои се пријавуваат во Заводот само заради одредени поволности што ги добиваат од државата.

– На објавен оглас за вработување на 15 лица се случи никој да не се пријави. Поради тоа побарав работници преку Заводот за вработување, од каде што добив неколку кандидати. По спроведени многубројни разговори, утврдив дека голем дел се мајки, кои бидејќи нема доволно градинки во Прилеп, немаат каде да ги остават децата на чување. Друга група посочува дека чека работа за во странство, а трети велат дека ако се вработат во нашата компанија, нема да можат да работат приватно, каде што земаат многу повеќе отколку платата што ја нудиме. Ова мене ме упатува на недостиг од работна сила – вели Ирена Јакимовска, сопственичка на компанијата „Комфи Ангел“ од Прилеп.

Претставниците на Стопанската комора меѓу другото прашаа дали е можно во блиска иднина проблемот со недостигот од стручен кадар да стане уште поизразен отколку што е сега. Исто така истакнаа дека е неопходно да се зголеми практичната настава во образованието и таа да се применува, но и да се подобри дуалното образование.
Професорката Никица Мојсовска Блажевски од „Македонија 2025“ посочи дека шансите на пазарот на трудот на високообразованите и на оние со стручна спрема се исти, па праша дали е потребно да се даваат пари за високо образование или да се поттикне стручното образование.

– Според мене, треба да имаме подобрување во повеќе сегменти, од една страна треба да се обезбедат вештини, значи образованието треба да креира вештини, од друга страна да се подобри работата на институциите, било да се државни или, пак, приватни како коморите. Но неопходно е и имплементирање на законите и размена на знаење. Главен проблем за работодавците е што нема работници со искуство, со знаење за позицијата на која доаѓа. Од друга страна, младите пак лутаат, не се кариерно насочени, бидејќи нема кој да ги насочува, а и состојбите брзо се менуваат и никој не знае што точно ќе донесе иднината, така што не можат да се одлучат каде да го продолжат образованието – вели професорката Мојсовска Блажевски.