Работниците прогласени за технолошки вишок во „Еурокомпозит“ вчера протестираа во Прилеп барајќи од Владата, како што рекоа, чин на добра волја за исплата на испратнините додека се решава ситуацијата со компанијата.

– Премиерот Зоран Заев рече дека го помага и ќе го помага „Еурокомпозит“ додека не излезе од кризата. Имало два стратегиски партнери, требало да се реши за еден месец. Ако не, Владата ќе одвои три милиони евра за проблемите на „Еурокомпозит“.

Го замолувам премиерот во знак на добра волја, во текот на наредната недела да се одвојат барем 150.000 до 200.000 евра за да ни се плати испратнината и да видиме дека навистина работите почнуваат да се решаваат – изјави Пеце Велјаноски од иницијативниот одбор.

Работниците не отстапуваат од барањата за исплата на испратнините и на заостанатите плати и придонеси.

– За поздравување е најавата на премиерот да се реши ситуацијата. Но, што со фирмата што треба да ги исплаќа и испратнините и платите кога во моментов нема струја поради напластените долгови. Од каде ќе ни се исплаќаат побарувањата, ако „Еурокомпозит“ не работи. Не се откажуваме од барањата – вели Цветан Бунтески.

Работниците вчера имаа средба со прилепската пратеничка Кети Смилеска, која најави дека наскоро ќе биде решен проблемот.