Илустрација/Фото: Архива

Ако без оправдани причини работодавците не им ги обезбедат на работниците правата во согласност со законот и колективниот договор за исплата на прекувремените часови, тие треба да поднесат барање за постапување во Државниот инспекторат за труд или да започнат судска постапка

Остануваат подолго на работното место, работат за викенди, па дури и за празници, но дополнителен износ на платата не добиваат. Ова е редовна појава во македонското стопанство, особено кога станува збор за работниците во трудоинтензивните дејности, кои зависат од исполнетите норми. Упатените посочуваат дека честопати работниците во некои дејности, особено во текстилната и кожарската индустрија, остануваат дополнително на работа, но за истата таа не добиваат плус пари, а причините ги лоцираат во неорганизираноста на работниците во синдикати.

– За добар дел од работниците во текстилната индустрија работниот ден трае повеќе од осум часа. Притоа, на 70 отсто од текстилните работници во градовите во Источна Македонија не им е платена прекувремената работа. Ова го покажа истражувањето што го направивме меѓу 870 испитаници. Иако прекувремената работа е дефинирана и во Законот за работни односи и во колективните договори е наведено дека прекувремена работа е сѐ она што е над 40 часа неделно, и истото тоа треба да е платено со дополнителни над 35 отсто на платата, сепак, оваа одредба не се почитува – кажа Кристина Ампева од здружението „Гласен текстилец“.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) истакнуваат дека во рамките на службата за бесплатна заштита на правата од работен однос за работниците, кои се членови на синдикатот во текот на 2018 година, 76 члена се обратиле во врска со своите права по основа на прекувремена работа.

– Нашите служби прво ги советуваат работниците да се обратат кај работодавците за остварување на правата по основа на прекувремена работа. Ако без оправдани причини работодавците не им ги обезбедат на работниците правата во согласност со законот и колективниот договор, ги упатуваме да поднесат барање за постапување до Државниот инспекторат за труд или да водат судска постапка – велат претставниците на ССМ.

Според Законот за работни односи, полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно ако договорот за вработување гласи на полно работно време. Со закон, односно со колективен договор може да се одреди како полно работно време, работното време што е пократко од 40 часа неделно, меѓутоа не помалку од 36 часа неделно.

Прекувремената работа е онаа што се врши над утврденото полно работно време. Според законот, работодавецот може да побара работникот да врши прекувремена работа при исклучително зголемување на обемот на работата, ако е потребно продолжување на деловниот или производствениот процес, или, пак, ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, но и во други случаи определени со закон или колективен договор.

– Прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите, кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно – појаснуваат од синдикатот.

Оттаму додаваат дека на работник што работел над 150 часа подолго од полното работно време, а не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината, кај истиот работодавец, при што не се сметаат деновите на искористен годишен одмор, тој е должен да му исплати покрај додатокот на плата и бонус во висина од една просечна плата.

– Работниците се очајни да најдат работа, а работодавците ги искористуваат со минимални плати. Има повеќе причини за оваа состојба, но најголемо влијание секако има големата невработеност и неефикасните синдикати. Тука придонесува и фактот дека работниците се препуштени сами на себе, а Владата или властите не преземаат ништо за да го заштитат работникот – вели економистот Здравко Савевски.

Според него, промена на долг рок не може да очекуваме ако работниците не почнат да се штитат самите, а додава и дека најбитно е работниците да имаат заеднички настап.

– Во Македонија голем проблем е менталитетoт. Чекаме други да ни го решат проблемот. Време е по толку години работниците да се самоорганизираат, оти ако се немоќни како поединци, како поголем група ќе бидат повлијателни – истакнува Савевски.

Во законот е предвидено дека работодавецот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремена работа да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот. За секое воведување прекувремена работа претходно писмено треба да го извести подрачниот државен инспектор на трудот. Во согласност со колективниот договор за приватниот сектор, за прекувремена работа следува надоместок, додаток на основната плата, која може да изнесува од 35 до 50 отсто.

[email protected]­