Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кризата предизвикана од коронавирусот ја забрза трансформацијата на европските економии, кои се очекува да ја зголемат употребата на нумеричките технологии и на роботиката во индустријата. Упатените во македонската економија посочуваат дека веќе има раст на дигитализацијата, но дополнуваат дека роботизацијата на работните процеси зависи од дејноста и од можностите на компаниите

Значителни промени во работните навики и практики во светот и кај нас се наметнуваат поради пандемијата, која и понатаму се шири и која наметнува потреба од дистанцирање. Дека пандемијата на коронавирусот и економската криза како последица од неа длабински ќе ја сменат светската економија, пред неколку дена посочи и Кристин Лагард, директорка на Европската централна банка. Лагард истакна дека работата од дома ќе го смени начинот на функционирање на сите вработени, а и дека се очекува пораст на роботизацијата во индустријата.
– Светската економија ќе биде сѐ повеќе ориентирана кон екологијата и нумерирањето – изјави Лагард.
Кризата предизвикана од коронавирусот ја забрза трансформацијата на европските економии, а таа трансформација е веќе „латентно присутна“, истакна Лагард на видеоконференцијата за економија на францускиот регион Екс-ан-Сен, одржана во Париз.

– Кога станува збор за производство, пазар, вработување, сето она што во моментов го доживуваме, веројатно ќе доведе до еволуција кон поодржлив начин на живот, кој би бил повеќе еколошки – рече Кристин Лагард. Според францускиот „Фигаро“, Лагард посебно се осврнала на работата од далечина, која, како што оцени, „ќе го трансформира начинот како функционираат сите вработени“, барем кога станува збор за развиените земји. Таа исто така оцени дека ќе дојде до значително зголемување на употребата на нумеричките технологии и на роботиката во индустријата.
– Соочени со вакви трансформации, Европа е во одлична позиција да ги прифати – додаде Лагард.
Упатените во домашната економија истакнуваат дека и во земјава веќе се чувствува раст на дигитализацијата во трговијата, но и воопшто во бизнисите. Сепак, истакнуваат дека роботизација на работните процеси во одредени компании зависи пред сѐ од дејноста, но и од можностите на компаниите.

– Периодов има пораст на активностите на компаниите што се реализирани
дигитално во делот на трговијата, во делот на комуникацијата и за подобрување на бизнис-процесите генерално. Дигиталното функционирање, кое како неопходност се наметна, нема да биде од привремен карактер, туку ќе прерасне во постојан начин на функционирање на компаниите и во иднина. Дел од стопанствениците знаат дека за ублажување на негативните последици во што пократок рок и зголемување на продуктивноста, дигитализацијата и роботизацијата се неопходни и цениме дека се подготвени за промени. Секако, подготвеноста зависи од состојбите на индивидуално ниво на компанија, како и од природата на производствениот/работниот процес во истата таа. Во некои дејности работниот процес е трудоинтензивен и неопходно е физичко присуство на работници, а нивната замена би била невозможна или скапа – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.

Од СКМ додаваат дека со роботизацијата не можат да се пополнат одредени специфични работни места, како бравари, аргон-заварувачи, касапи, одржувачи на парни котли, леари на метали или електромеханичар за машини за производство. Поради ова, истакнуваат дека во вакви случаи е потребно да се подигне нивото на свест за потребата од стручно образование и обука и зајакнување на стручните и трансверзалните вештини на поединците преку образовниот процес.
– Кога станува збор за невработеноста, процесот на дигитализација не би требало да влијае на зголемување на невработеноста, од причините што претходно ги посочивме, како и од причина што самиот процес на дигитализација и роботизација значи потреба од нови професии и вештини поврзани со овие процеси – дополнуваат од комората.
Трансформацијата на Европа кон помодерни и посовремени технолошки работни процеси, како и роботизацијата на производствените процеси, ќе им дадат уште поголема предност на европските економии.

За спас на компаниите и стопанството, Европската комисија најави дека планира поддршка во висина од 750 милијарди евра, претежно грантови што ќе им бидат дадени на државите-членки на Унијата. Сепак, деталите за овој план најверојатно ќе бидат познати по состанокот на лидерите на ЕУ на 17 и 18 јуни. Франција и Германија се двете европски велесили што се залагаат за негова реализација, но на истиот тој се спротивставуваат Австрија, Данска, Холандија и Шведска.
Европските земји веќе се далеку понапред во развојот на технолошките процеси од земјава, а дополнително и поради помошта што ја добиваат во овие кризни времиња, очекувањата се дека уште повеќе се зголеми разликата меѓу нивните економски остварувања и домашните.