Никица Мојсоска Блажевски

Иднината на работните места и справувањето со загадувањето на воздухот ќе бидат централни теми на годинашниот самит на Македонија 2025, како што најави главната извршна директорка на организацијата, Никица Мојсоска Блажевски, на синоќешната средба со новинарите во винарницата „Шато Сопот“. Самитот ќе се одржи во хотел Мериот од 13 до 15 ноември.

Новитет на самитот ќе биде воведувањето на онлајн-платформата „Би Ту Би“ (B2B), која треба да го олесни договарањето на средбите помеѓу учесниците, кои досега беа договарани на неформален начин, според Мојсоска. Посебно внимание ќе се обрне и на стартап бизниси и на мали, средни и големи претпитјатија. За таа цел ќе бидат оргаизирани неколку настани со компаниите.

На самитот ќе има две главни теми. Првата е иднината на работните места и вештините. На оваа тема ќе говори едно звучно име – Алис Стеинглас. Таа е основач на фондацијата „Код.орг“ (Code.org), која има организирано настани со поранешниот американски претседател Барак Обама. Нејзина цел е зголемување на свеста за важноста на дигиталните вештини. 

Втората тема е животната средина. Мојсоска нагласи дека секоја година Македонија 2025 организира панел посветен на оваа тема, меѓутоа на годинашниот самит, фокусот ќе биде на загадувањето на воздухот, односно на справувањето со проблемот.

На самитот ќе присуствуваат повеќе меѓународни институции коишто финансираат проекти од областа на аерозагадувањето и животната средина, градоначалници и компании. Ним ќе им бидат презентирани можностите како да аплицираат за проекти и да помогнат во врска со проблемот.

– Успехот на самитот ќе го мериме преку одлична реализација. Сѐ ќе биде ново, интересно и се надевам врвно – заклучува Мојсоска. С.Ку.