Рускиот претседател Владимир Путин денеска го потпиша спорниот закон со кој старосната граница за државна пензија се подига за пет години.

Кремљ соопшти дека Путин законот го потпишал откако го одобрија обата дома на Парламентот.

Законот ја подига границата за пензија на 65 години за мажи и 60 за жени и предизвика бес кај Русите, независно од политичките гледишта.

Постарите Руси се плашат дека нема да живеат доволно долго за да имаат полза од пензијата, додека помладите генерации се загрижени оти законот ќе ги ограничи нивните можности за вработување.

Путин го бранеше законот, тврдејќи дека зголемувањето на границата е неопходно бидејќи подолгиот очекуван животен век во Русија би можел да го исцрпе пензискиот фонд ако границата остане иста.