Слободното движење на капиталот, стоките, услугите и на луѓето, отстранување на пречките во трговијата, дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите, како и институционалниот развој на структурите, се главните приоритети на македонското претседавање со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) во 2021 година.
– Примената на ЦЕФТА-договорот и активностите предвидени во Акцискиот план на заедничкиот регионален пазар 2021-2024, се основи врз кои се темели македонското претседавање со ЦЕФТА – посочил министерот за економија Крешник Бектеши на презентацијата на програмата за претседателството на ЦЕФТА од страна на Македонија, пред генералниот директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ, амбасадорите на земјите-членки на ЦЕФТА и претставници од Европската комисија во Брисел.

Министерот Бектеши информира оти еден од приоритетите се и преговорите и склучувањето на дополнителниот протокол 7 за решавање на споровите, со кој ќе се создаде правна рамка за решавање и елиминирање на трговските бариери меѓу членките на ЦЕФТА и дека во олеснувањето на трговијата со стоки, ќе се фокусира на заемно признавање на трговските документи, поедноставување и усогласување на процедурите и понатамошно усогласување со регулативите и стандардите на ЕУ.
Како дел од активностите што ќе се преземат годинава ќе биде и продолжувањето на функционирање на зелените коридори за полесно транзитирање на стоки низ регионот, како и за проширување на овие коридори кон соседните ЕУ-земји.
Активностите ќе бидат насочени и кон следење на напредокот евидентиран во секоја ЦЕФТА-страна во врска со елиминацијата на пријавените нетарифни бариери, подготвување единствен список со сите такси и давачки за увоз или извоз на стоки, подготовка на Акцискиот документ за имплементација на инфраструктурата за квалитет, спроведување на програмите за заемно признавање на овластените економски оператори и други.

Министерот истакна дека главната цел е подобро интегрирање на земјите од Западен Балкан помеѓу себе, но и со Европската Унија.
Генералниот директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ, посочи дека имајќи ја клучната улога во спроведувањето на активностите поврзани со трговијата од Акциониот план, ЦЕФТА има амбициозна агенда за 2021 година, насочена кон олеснување на економското закрепнување на регионот на ЦЕФТА.
– Лидерите на регионот ветија дека ќе градат заеднички регионален пазар со еден глас и заеднички погон. Беа направени силни обврски и тие обврски бараат акција. Годината ја започнавме со амбициозна агенда, развивајќи нови механизми и поведувајќи иницијативи за олеснување на трговијата и забрзување на економското закрепнување на регионот. Направена е голема работа, но потребни се дополнителни напори за да се дадат резултатите ветени за самитот во Берлин. Тоа ќе биде клучна точка не само да се процени силата на регионалната соработка туку и да се донесат опипливи резултати за бизнисите и нашите граѓани – кажа Џикиќ во своето обраќање пред амбасадорите.