Фото: Игор Бансколиев

Вчера почна функционирањето на заедничкиот граничен премин Табановце – Прешево, каде што сега границата ќе се поминува со едно чекање на заедничката испостава што ја воспоставија граничните служби од Северна Македонија и од Србија, со проектот за интегрирано гранично управување „Уан стоп шоп“.

Премиерите Зоран Заев и Ана Брнабиќ порачаа дека двете држави со новината го забрзуваат протокот на патници и стока, времето на чекање се намалува двојно, а се отвора и можност за подобра соработка на бизнис-заедницата и интеграција на регионот.

– Исполнуваме уште една обврска од проектот за интеграција на Северна Македонија и на Србија на регионално и на европско ново, заедничкиот граничен премин Табановце – Прешево, кој предвидува заедничко управување на граничните и царинските контроли со едно застанување. Овој проект значително придонесува за развивање на регионалната економска соработка на Западен Балкан, дефинирана на самитот во Трст, од јули 2017 година, и што е особено значајно претставува уште една круна на пријателството и добрососедството помеѓу двете држави – рече Заев.

Тој истакна дека по целосното завршување на патната инфраструктура на двете страни од автопатот, изградбата и проширувањето на царинскиот терминал на овој граничен премин, ова е последната фаза од создавањето услови за поголема размена на стоки и полесно движење на граѓаните.

Според Брнабиќ, двете држави први воспоставија заедничко гранично управување во овој дел на Европа. Новиот едношалтерски заеднички граничен премин на границата меѓу Србија и Македонија, како што нагласи Брнабиќ, ќе овозможи побрз проток на товарните возила и претставува сигнал што треба да ги охрабри регионалната трговија и трговската размена.

Премиерката Брнабиќ истакна дека првата заедничка гранична контрола ќе ја подобри и онака добрата економска соработка помеѓу двете земји, а за тоа најдобро зборуваат податоците, бидејќи вкупната надворешна трговска размена помеѓу Србија и Македонија во 2018 изнесувала над 1 милијарда евра, од кои 865 милиони евра на трговски стоки и 198 милиони на секторски услуги. Преку Табановце лани поминале околу 200.000 камиони, што е една четвртина од вкупниот промет на товарни возила. Се очекува тој годинава да се зголеми за 30 проценти и да достигне 260.000. Намаленото време на поминување на границата ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи меѓу двете држави, како и на транзитните, а на деловните луѓе за половина ќе им се скрати времето на царинските постапки, контролите ќе се вршат на едно место од страна на царинските служби, предвидено е меѓусебно признавање на сертификатите на граничните агенции, а ќе се намали и можноста за царински измами. Е.Р.