Вработените и работниците прогласени технолошки вишок од прилепски „Еурокомпозит“ денеска протестираа пред фабриката, барајќи решение за нивните проблеми, а најавија и дека во понеделник ќе протестираат пред владата во Скопје.

Во името на 154-цата работници, прогласени технолошки вишок, Пецо Велјаноски рече дека нивната агонија продолжува како и манипулациите од раководството на фабриката. Сѐ уште нема никаква најава за исплатата на отпремнините од кои добиле само по една четвртина, односно од околу 100 -ина илјади денари, добиле само по 25 000 денари пред четири месеци. Слична е состојбата со вработените кои од септември не виделе плата.

-Проблемот не е решен и е сѐ поголем. Ништо не ни е исплатено на име отпремнини и досега во новата година. Директорот само одолговлекува, а ние се чувствуваме измамени и изманипулирани. Директорот е тука и апелирам да собере храброст да ни ја каже вистината што се случува. Планираме, в понеделник заедно со вработените и со пензионираните работници да одиме пред владата. Тоа ни е единствена можност, ако може, да се реши проблемот со платите за вработените и отпремнините за нас, технолошкиот вишок – вели Велјаноски.

Претседателот на синдикатот Роберт Богданоски објаснува дека 60-ината вработени се разочарани зашто мислеа до денес да добијат плата, барем според најавите на директорот дека нивниот проблем ќе биде на дневен ред на владината седница во вторникот, 15 јануари. Богданоски обвинува дека се вработуваат лица блиски на раководството.

-Ние, околу 60 души, што останавме на работа, за жал, имаме земено за четири месеци, само по 8.000 денари. Лагите и понатаму продолжуваат. При вчерашната средба со директорот на компанијата, ни кажа дека во вторникот нашето барање на седницата на влада не поминало, зашто министерот за внатрешни работи Спасовски не бил во државата. Инаку фабриката соработува со МВР. Следна седница била наредниот вторник и за до наредниот петок да сме земеле плата. Дали така ќе биде, не се знае. Вработените се на работните места, мислеа дека ќе добијат плата, но сега се разочарани. В понеделник продолжуваме со штрајк и одење пред Владата во Скопје. Инаку, во меѓувреме се вработуваат, и тоа, раководни лица, блиски на првите луѓе на компанијата, а бидејќи бараат од нас работа, се сомневаме дека тие зеле плата – изјави Богданоски.

Работниците разочарани од ситуацијата сметаaт дека целосно се отпишани и никој не сака да ги решава нивните проблеми.

Во фабриката се чека и нов инвеститор, за што имало заинтересирани, кој ќе ги подмири заостанатите плати и придонеси.