Производители на лубеници од неколку села од подбеласичкиот регион денеска со двочасовна блокада на клучката за селото Смоларе, на магистралниот пат Ново Село-македонскобугарска граница, го искажаа својот револт од ниските откупни цени.

Тие бараат средба со министерот за земјоделество, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, како и повисоки откупни цени. Велат дека има откуп, но цената е многу ниска

Додаваат дека тракторска приколка со 4,5 тони лубеници трговците ја откупуваат за 2 – 3.000 денари, а внатре има околу 450 парчиња лубеници.

– Државата да ни даде отштета, како што беше лани и затоа сме многу благодарни. Лани добивме по два денара за килограм предадени лубеници. Исто така, бараме надлежните да го разгледаат и нашето барање за решавање на проблемите што ги имаме со тие од кои ги земаме нивите под закуп. Дел од вистинските сопственици се починати или не се тука и затоа бараме тоа да реши за да можеме да добиеме субвенции – рече Панче Тилев производител на лубеници од село Колешино.

На откупниот пункт во истоименото село откупот тече нормално, а началникот на Подрачната единица на Министерството заземјоделство, шумарство и водостопанство, Васил Коцев повика да не се манипулира со земјоделците и дека откуп има секојдневно.

– Откупот нормално тече и досега има откупено 800 тони лубеници, а во наредните денови ќе се откупат уште 300 тони со што треба да се реши проблемот со вишок на лубеници – рече Коцев.

Додаде дека во одснос на земјоделците кои не се сопственици на нивите и земаат под наем површини за садење, во собраниска постапка е измената на законот за земјоделство и рурален развој токму за таа област. Со законските измени, посочува, субвениците нема да ги зема сопственикот на нивите, туку тој што на неа одгледува одредена култура.