Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во мај годинава просечната месечна исплатена нето плата по вработен изнесува 28.721,00 денари. Во однос на мај 2020 година, регистрирано е зголемување од 8,8 отсто или 2.331,00 денари за една година.

Според статистика, ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (29.0 отсто); Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (28.7 отсто) и Други услужни дејности (14.4 отсто).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (7.0 отсто); Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (5.5 отсто) и Снабдување со вода; Отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (5.3 отсто).

Топ три сектори со највисока просечна исплатена нето плата по вработен во државата се: Информации и комуникации; Финансиски дејност и дејности на осигурување како и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.

Од Владата велат дека податоците на Државниот завод за статистика го потврдуваат трендот на раст на платите кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата.

– Доколку последниот податок го споредиме со јуни 2017 година кога просечната плата била 22.808,00 денари, разликата е 5.913,00 денари, или тоа е раст од 25,93 отсто. Ако пак ја земеме просечната плата од јуни 2017 година и ја споредиме со јули 2013 година кога изнесувала 21.013,00 денари, согледуваме дека растот на платата бил 1.795,00 денари, или раст од само 8,54 отсто. Посветени сме на реализација на стапките на економски раст од 4-5 отсто и покачување на платите за 20 отсто до 30 отсто се со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата“, велат од Владата.