Ворен Бафет (90) јавно се извини признавајќи ги грешките кои ги направил, на годишната средба со акционерите во „Беркшир Хатавеј“ одржана вчера, пренесува „Блумберг“ Тој изразил жалење за продажбата на акциите на „Епл“ и за пропаднатиот бизнис-потфат во здравството.

– Тоа веројатно беше грешка – кажа Бафет за неговата одлука за продажба на акциите на компанијата што го произведува ајфонот, минатата година.

Таквиот потег беше оквалификуван како грешка и од неговиот бизнис партнер Чарли Мангер, кој му го предочил тоа и на Бафет.

Извинувањата не се невообичаени за Бафет. Во писмото до акционерите упатено во февруари, тој ја објасни неговата голема грешка за плаќање прескапа цена за компанијата што произведува авионски делови „Пресижн Кастпартс“.

Годинашното обраќање беше во знакот на неговото прифаќање на сопствените грешки, дури и откако неговите бизниси имаа добар квартал, со втора највисока заработка уште од 2010 година.

Милијардерот кој е познат под прекарот „пророкот од Омаха“, се соочи со прашања зошто „Беркшир“ не го искористила привремениот пад на пазарот кон крајот на март минатта година за да купи повеќе акции по намалени цени. Наместо тоа, конгломератот ги искористил првите недели од затворањето на американската економија за да се ослободи од акциите во авиокомпаниите, додека пандемијата го сопре авиосообраќајот. Акциите во „Делта ерлајнс“ и „Саутвест ерлајнс“ кои беа во сопственост на „Беркшир“ забележаа пад поголем од 45 отсто во втората половина на минатата година.

– Не го сметам тоа за голем миг во историјата на „Беркшир“ – кажа Бафет, додавајќи дека економското закрепнување ги надминало нивните очекувања, благодарени на владините мерки.

Бафет се осврнал и на вложувањата во бизнис-потфатот во здравството, заедно со „Џеј Пи Морган“ и со „Амазон“, кој пропаднал. Богатството на Бафет мометно се проценува на 103,7 милијарди долари.