Фото: Дарко Андоновски

Недостигот од информации и од соодветна инфраструктура, недоволната соработка со општините, немањето координиран пристап на локално и државно ниво, како и неисполнувањето минимум стандарди, се проблемите што го кочат развојот на руралниот туризам во Македонија

Само пет отсто од националните и локалните туроператори го промовираат руралниот туризам и нудат посети и сместувања во рурални средини низ Македонија. Сопствениците на капацитети во руралните средини сами се снаоѓаат како знаат кога станува збор за привлекување туристи, бидејќи организирана понуда нема, покажува најновото истражување на Рурална коалиција.
Над 96 отсто од сопствениците на капацитети во руралните средини не знаат дека имало стратегија за рурален туризам во Македонија, иако овој документ е веќе истечен и бил за периодот 2012-2017 година. Ова беше посочено на вчерашниот завршен настан од проектот „Стратегискиот развој на руралниот туризам – основа за комплементарно поврзување и дополнување на индустриската политика и одржливиот развој на Македонија“, на која беа промовирани резултатите од истражувањето.

Во согласност со последните анализи на европско ниво, руралниот туризам директно или индиректно креира над 900 илјади работни места, додека во Македонија едвај еден е вработен со платени придонеси и полно работно време во рамките на еден капацитет.
– Поради немањето информации, сопствениците на капацитети за рурален туризам речиси воопшто не користат поддршка од државата, па така, во последните три години, пропаднаа проектираните пет милиони денари за оваа намена што можеа да се земат преку Министерството за економија – изјави Лилјана Јоноски од Рурална коалиција.
Според неа, тоа е само еден проблем со кој се соочува секторот. Немањето инфраструктура, недоволната соработка со општините, немањето координиран пристап на локално и државно ниво, како и неисполнувањето минимум стандарди, се другите проблеми со кои се соочуваат луѓето што работат на полето рурален туризам. Овие фактори, според Јоноски, се причината поради која руралниот туризам сѐ уште е на листата неразвиени стратегиски гранки во земјава.

Сопствениците на капацитетите во руралните средини, освен на немање инфраструктура, се жалат и на недостиг од квалификувани работници.
– Соработуваме со надлежните институции, особено со Агенцијата за вработување, но се соочуваме со недостиг од работници. Тие не се доволно едуцирани. Не е како порано, кога кадарот имаше завршено специјализирано училиште за угостителство и туризам – рече сопственикот на Горна куќа во селото Слепче, Демирхисарско.
Истражувањето на Рурална коалиција, кое се спроведе од 1 февруари до 31 јули годинава, во сите осум плански региони, опфаќајќи над 120 капацитети, покажа и дека предности за привлекување странски туристи во руралните средини се недопрената природа и евтините услуги.

Од друга страна, забелешка на гостите од странство се недоволната сигурност, високото ниво на корупција и наплатувањето по различни цени. Е.Р.