Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, заменикот министер за финансии, Димитар Ковачевски, амбасадорката на Швајцарската Конфедерација во Македонија, Сибил Зутер Техада, градоначалници и претставници на државните и локалните власти, денес во Клубот на органите на државната управа присуствуваа на настан на кој беше промовиран дигиталниот „Систем за рамномерен регионален развој“ (сирера.мк), којшто е развиен во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“.

Вицепремиерот Битиќи, во рамките на чиј Кабинет беше спроведена првата компонента на „Проектот за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, посочи дека преку овој проект е креиран електронскиот систем за координација во планирање, спроведување, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој, наречен „СиРеРа“, со кој се овозможува лесна и навремена координација на сите владини институции, кои согласно нивните програми и буџети планираат и инвестираат финансиски средства од државниот буџет.

Тој додаде дека функцијата на оваа современа алатка е да ѝ помогне на Владата, но и на другите вклучени страни, пред сè министерствата, агенциите, дирекциите и останатите државни институции, во процесот на успешна имплеменатција на новиот Закон за рамномерен регионален развој и достигнувањето на предвидените 1% од БДП, како инпут во развојот на општините и регионите.

– Системот „сирера.мк“, дава точен преглед на сите инвестиции кои произлегуваат од националниот буџет и се инвестираат на регионално ниво. Електронскиот систем за координација во планирање, спроведување, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој, наречен „СиРеРа“, овозможува лесна и навремена координација на сите владини институции, кои согласно нивните програми и буџети планираат и инвестираат финансиски средства од државниот буџет. Истовремено, овој систем ја зголемува транспарентноста и отчетноста на институциите, ја подобрува комуникација помеѓу институциите и ја зголемува ефикасноста и капацитетот на програмите – посочи вицепремиерот Битиќи и додаде дека алатката дигиталниот систем во овој момент е надополнет со 10 годишни историски податоци преку чија анализа лесно може да се утврди трендот на раст на инвестициите кои се поврзани со една важна тема како што е рамномерниот регионален развој, објаснуваат надлежните.

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски информираше дека Системот „сирера.мк“ многу важен затоа што тоа е дел од севкупните реформи коишто се направени во изминатите 2 години со голема поддршка на швајцарската амбасада.

– Прва компонента која треба да се имплементира тоа е вклучувањето во системот на овој систем, кој ќе биде јавно достапен и до медиумите и до граѓаните, до новинарите кои се занимаваат со анализи, да можат во секој момент да ги видат податоците, каква е тенденцијата за регионален развој односно дали се почитуваат критериумите и поделбата на парите според степенот на развиенот на планските региони – нагласи Милевски.

Министерот посочи дека вкупната вредност на проектот изнесува 5 милиони швајцарски франци, од кои 3,3 милиони швајцарски франци се од Владата на Швајцарија и швајцарската Амбасада, а остатокот од буџетот на државата.

Амбасадорката на Швајцарската Конфедерација, Н.Е. Сибил Зутер Техада изрази задоволство што е извршена промоција на новиот дигитален систем сиерра.мк и посочи дека очекува со системот да се подобри институционалната комуникација и координација и процесот на планирање, имплементирање и мониторинг на политиките за рамномерен регионален развој, кои беа развивани со поддршка од Швајцарија. Според неа, рамномерниот регионален развој е витален за доброто на сите граѓани, особено ранливите категории кои живеат во рурални и неразвиени региони во земјата.