АД ЕСМ ќе го засили ископот на сопствен јаглен во согласност со максималните капацитети што ги има, но побарувачката на електрична енергија е таква што пресметките покажуваат дека и со количествата набавен јаглен е исплатливо да се произведува и продава струја, изјави вчера генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
На прес-конференција во РЕК „Битола“, Ковачевски истакна дека со високите цени на електричната енергија на берзите, кои ќе се задржат и во следните месеци, па и во текот на следната година, поевтино, но и посигурно е да се набави јаглен и да се произведе електрична енергија отколку да се увезува струја по енормни цени и да се ризикува дали ќе ја има доволно.
– Цените на електричната енергија на регионалните берзи се за трипати зголемени и од 56 евра за мегават-час цена што беше до пред неколку месеци, сега цените се движат меѓу 140 и 170 евра за мегават-час и нема најава дека ќе се намалат. Со нашиот план за ископ на јаглен и производство на електрична енергија, АД ЕСМ има стабилно производство и ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН „Хоум“ за снабдување на домаќинствата, по цена значително пониска од пазарната, со цел да не се почувствува ценовен шок кај граѓаните.

Но за разлика од домаќинствата, стопанството, стопанските субјекти, се снабдуваат на слободниот пазар и со оглед на енормниот пораст на цените на берзите нашето стопанство се соочува со опасност од голем ценовен удар на еден од главните енергенти и ресурси што ги користи, а тоа е струјата – нагласи Ковачевски.
Тој информира дека во изминатиот период одредено количество јаглен било набавено од Косово и со тој јаглен се произведувала струја во РЕК „Осломеј“.
– Тоа се покажа како успешен процес во постапката за набавка, транспорт и работата на РЕК „Осломеј“ и даде поттик да реализираме уште една набавка на јаглен за РЕК „Осломеј“, но и за РЕК „Битола“. Јагленот очекуваме да го добиеме од државите во регионот, објавата завршува следната недела, потоа ќе ги анализираме понудите и доколку тој понуден пакет ги дава резултатите што ние ги имаме зацртано во нашиот план и програма, тогаш ќе пристапиме кон набавка на јаглен за производство на електрична енергија – вели Ковачевски.