По повод одбележување на Меѓународниот ден на жената 8-ми Март, на 8 и 9 март 2019 година во хотел Гранит, Охрид ќе се одржи Деловна средба за вмрежување на бизнис жени од регионите на Полог и Елбасан.

Целта на средбата е преку претставување на компаниите од регионите на Полог и Елбасан и споделување на искуствата на бизнис жените од овие региони, да се разгледаат можностите за нивно деловно поврзување и соработка во секторите во кои работат. Во исто време, средбата има за цел да ги охрабри жените претприемачки за поголемо учество во бизнис секторот и поголем придонес во развојот на економијата на двете земји.

Андријана, Анила, Ивона, Луеда, Светлана, Вјолца, Слаѓана и Монада се само мал дел од храбрите жени од регионите на Полог од македонска страна и Елбасан од албанска страна, кои имаат визија за развивање на своите бизнис и се дел од едукативните бизнис средби во рамки на проектот „Развој на микро-претпријатија на жени во прекуграничниот регион“, кој е поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, а го имплементираат Центарот за управување со промени – ЦУП во соработка со Институтот за човекови права од Скопје, Фондацијата „Егалите“ од Камењане и Центарот за компаративни и меѓународни студии од Тирана.

Жените во споменатите региони, за жал, сè уште не се сметаат за вреден потенцијал во бизнисот и извор на приход за семејствата. Во овие региони преовладуваат предрасудите дека жените не можат да бидат подеднакво добри како мажите во бизнисот. Жените и младите девојки често се советуваат да останат дома и да бидат посветени исклучиво на домашните обврски, како единствена важна улога којашто ја имаат жените во општеството.

На средбата поздравни обраќања во чест на Интернационалниот празник на жените и важноста на нивното учество во бизнис и деловниот сектор во прекуграничниот регион ќе имаат: Гордана Стефковска Вељановска, Раководителка на проектот – Центар за управување со промени (ЦУП) – Скопје, Константин Јовановски – Координатор на програма во Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија, Мирајет Муртезани – Сектор за еднакви можности при Министерство за труд и социјална политика (МТСП) во Република Северна Македонија, Мимоза Поповска – Претставничка од Агенцијата за развој на претприемништвото – советничка и претставничка од ЕСА – Охрид, Ервин Карамучо – Универзитетски професор по бизнис право на Државниот универзитет во Драч, Република Албанија и Фаола Ходај – Координаторка на проектот – Центар за компаративни и меѓународни студии (ЦКИС), Тирана – ко-партнер на проектот во Албанија.

Повеќето луѓе сметаат дека женското претприемништво е преценето и дека тоа е начин да се изврши притисок врз мажите. Тоа е причината зошто повеќето луѓе покажуваат отпор кон проекти ориентирани кон жените. Но, тие ставови се всушност причина да се поддржат жените во остварувањето на нивните човекови права и поддржувањето на нивните соништа да станат активни учесници во општеството, да започнат и да развијат сопствен бизнис. Само на овој начин жените и младите девојки можат да направат силен придонес кон економската благосостојба на семејството и заедницата.