Вработените во француските железници денеска штрајкуваат, седми ден овој месец заради претстојната реформа на државната железничка компанија СНФЦ.

Штрајкот, што би требало да потрае до крајот на јуни, влезе во нова фаза по само еден ден откако долниот дом на парламентот го одобри предлог законот за реформа на железницата, против што се борат штрајкувачите.

– Синдикатите се слободни да прават како што сметаат дека би требало…но мнозинството Французи ја сакаат оваа реформа – рече министерката за труд Муриел Пенику.

Сите четири големи синдикати се противат на реформата, најголема од национализацијата на железницата во 1937 година.

Реформата се смета за тест на решителноста на францускиот претседател Емануел Макрон да го спроведе целиот пакет економски и социјални реформи до крајот на својот мандат во 2022 година.