Со новиот концепт за привлекување странски инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони веќе има резултати, објави директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.
– Растот продолжува и во месец август, а бројките покажуваат рекордни економски активности во првите осум месеци од 2021 г. во однос на минатите години. Очекувам ваквиот позитивен тренд да продолжи до крајот на годинава – изјави Деспотовски и најави нови инвестиции во Штип, Кичево и во Скопје.
Тој посочи дека редовната месечна анализа за август покажала највисоко ниво на извоз во првите осум месеци споредено со истиот период во изминатите четири години, како и речиси рекордна извозна и увозна активност. Вкупниот извоз во првите осум месеци во зоните достигна 2,04 милијарди евра, што е за над 50 отсто повеќе во однос на истиот период лани, над 11 проценти во споредба со 2019 и речиси 32 отсто повеќе од 2018 година. Компаративната анализа покажува и раст од 7,15 проценти на бројот на вработени во август споредено со истиот месец лани.
– Во процедура на одобрување се три нови договори за странски инвестиции со вкупен обем од над 54 милиони евра. Овие инвестиции треба да донесат 680 нови работни места, да го зголемат вкупниот извоз за над 850 милиони евра во десетгодишен период, а приходите во буџетот ќе достигнат до 55 милиони евра на сметка на придонеси, данок на добивка и персонален данок. Само од почетокот на годинава имаме започнати или во фаза на реализација договори за нови инвестиции од речиси 160 милиони евра – нагласи Деспотовски.