По неколкудневен застој, продолжи откупот на лубениците во селото Колешино, најголемиот производител на оваа градинарска култура во Струмичко.

По цена од три денари за килограм денеска се откупија околу сто тони, а до крајот на неделата откупувачот најавува преземање на околу 700 тони лубеници.

Но, земјоделците не се задоволни од цената, ниту од количините што се откупуваат. Некои дури, во знак на револт, се собраа на мирен протест и побараа средба со претставници на надлежните институции.

– Лубеницата во Албанија заврши и сега откупуваме за косовските трговци. Тие дојдоа тука и видоа дека нашата лубеница е поквалитетна и се надевам дека до крајот на неделата откупната цена ќе се зголеми и ќе се јават повеќе откупувачи – изјави претставникот на откупувачот, Митко Караиванов.

Спорд него, застојот изминативе денови бил поради тоа што трговците досега увезувале албански лубеници на косовскиот пазар.

Земјоделците, пак, кои се жалат на ниска цена и недоволен откуп, велат дека половина од производството останало на нивите поради лошите временски услови.

– Педесет отсто, а можеби и повеќе остана на нивите и таму гние. Јас денес прв пат носам лубеници за откуп. Имам засадено 10 декари – истакна Алекса Малинов, производител на лубеници од село Колешино.

Други земјоделци бараат да се зголемат количините кои се откупуваат за да можат да си ги покријат трошоците.

– Лубениците се стасани за берба, а нема откуп. Ќе останат на нивите. Еден камион на ден не врши работа. Бараме Владата итно да преземе нешто. Нека дојдат и нека видат – рече Митко Стојанов, производител од село Колешино.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски при посетата на Струмичкиот регион во саботата рече дека се следи состојбата со застојот на откупот.

Информира дека екипи на Министерството се постојано на терен, како претходните недели кога имаше проблем со откупот на доматите.