Фото: Дарко Андоновски

Клучот во разликата на висината на просечната плата во Македонија и просечната плата во секторот е во тоа што програмерите во Македонија своите продукти и услуги ги продаваат и пласираат на надворешниот пазар, тие услуги и продукти се многу поскапи надвор

На врвот на листата на највисоко платените во Македонија се луѓето од секторот „компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности“, каде што просечната плата изнесува 60.112 денари и првпат достигна 1.000 евра. Тоа е голем јаз споредбено со просечната плата, која изнесува 24.072 денари, особено во однос на поразвиените и поголемите земји. Сепак, македонските компании имаат потреба од квалитетни информатичари и програмери, бидејќи ваков кадар недостига поради одлив во странство.
Според претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, работната сила е пазарна категорија и, како кај сите други видови пазарни категории, цената зависи од понудата и нејзината побарувачка.

– Очигледно побарувачката за овие занимања е голема и висината на платата е многу поголема од просечната. Една од причините е малиот број студенти што се запишуваат на овие факултети, заради тоа што бараат одредено ниво предзнаења стекнати во средното образование. Нивото на знаење на многу од нашите средношколци не им овозможува да ја следат материјата што се предава на овие високошколски установи. Втората причина е заминувањето на многу млади информатичари надвор од земјата, затоа што платите таму се многукратно поголеми од платите во Македонија – објаснува Димитров.

Тој тврди дека побарувачката е поголема од понудата, додавајќи дека најценети се информатичарите што доаѓаат од Машинскиот факултет, а потоа од Факултетот за електротехника и информациски технологии и на крајот информатичарите што доаѓаат од приватните универзитети.

– Програмерите и понатаму ќе бидат дефицитарни. Ако не го подобриме знаењето во средното образование, ние и понатаму ќе имаме мал број студенти на овие факултети. Истовремено, одливот може да се спречи само со поголеми плати и подобрување на севкупните состојби во општеството. Исто така, мораме да сфатиме дека платите се одраз на продуктивноста. Исто како и во другите сектори, така и во информатиката, продуктивноста и дополнителната вредност не е иста надвор и кај нас – истакна Димитров.

Како споредба, ќе ја земеме разликата помеѓу просечната плата во Хрватска и просечната плата на програмерите во земјата. На годишна основа, просечниот работник таму заработува 67.032 куни, а просечниот програмер 102.720. Разликата е 35.688 куни годишно, што е помал јаз во однос на македонскиот. Додека, пак, во САД просечната плата е околу 57 илјади долари на годишно ниво, а за компјутерски програмер е околу 61 илјада долари.

Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, нагласува дека вообичаено пазарот за програмерски услуги во Македонија е релативно мал, односно програмерските продукти на македонскиот пазар се купуваат од програмерски компании, велејќи дека тоа значи дека мал е бројот на компании што вработуваат пограмери за свои потреби и во доменот на своето работење.

– Од друга страна, програмерите се дефицитарна работна сила, особено кога се во прашање напредно знаење и вештини базирани врз нови технологии. Што се однесува на просечната плата во секторот, мора да се напомене дека тоа е ниското ниво на просекот, особено имајќи предвид дека во секторот има плати и двапати и трипати повисоки. Клучот во разликата на висината на просечната плата во Македонија и просечната плата во секторот е во тоа што програмерите во Македонија своите продукти и услуги ги продаваат и пласираат на надворешниот пазар, а тие услуги и продукти се многу поскапи надвор – појаснува Бошков.

Што се однесува до запирање или барем забавување на овој тренд, Бошков додава дека може да биде контрапродуктивно и дека лицата вработени во секторот знаат да направат калкулација што значи плата во македонски услови и да ги пресметаат социјалните придонеси и трошокот за живеење во Македонија и надвор.

– Овие лица, исто така, ги пресметуваат и ризикот и начинот на живеење во Македонија и надвор, секогаш во калкулацијата на платата ги вметнуваат и индикаторите нето-прилив, персонален данок или социјални придонеси, комоција на „домашен терен“, пари наспроти одвоен живот, моментално ниво на знаење во програмирањето и предизвик за напредување и нови можности – напоменува Бошков.