Министерството за земјоделство воведува нова субвенција за откупот на сливи. Откупувачите регистрирани за преработка на земјоделски производи и правните лица регистрирани за вршење на трговија со земјоделски производи кои извршиле откуп на сливи од реколтата 2018 од домашно производство ќе добијат субвенција од два денари по килограм.

Новата мерка се воведува со цел да се реши проблемот со откупот на сливи, а таа ќе биде разгледана на утрешната владина седница.

Финансиската поддршка ќе стапи на сила со објавување на одлуката во Службен весник и ќе важи за откупени количини на сливи до 15 септември годинава по откупна цена не пониска од пет денари за килограм за индустриски сливи. Субвенцијата ќе важи и за откупувачите кои ќе откупат свежа слива, со кои е договорено откупната цена да не биде пониска од осум денари за килограм.

– Со оглед на тоа дека преку Програмата за директни плаќања за 2018 година со мерката за одржување на насади од слива земјоделците имаат право на субвенција во висина од 33.000 денари за хектар и 39.600 денари за површини од еден до пет хектари, како и субвенција од три денари за килограм предадени сливи во преработувачки капацитети, дополнително со новата мерка за субвенција од два денари за килограм сливи за откупувачите, се очекува стабилизирање на откупот на сливи и решавање на проблемот – информира Министерството за земјоделство.

Оттаму истакнуваат дека новата мерка е произлезена од работните состаноци со производителите и откупувачите на сливи одржани изминатите денови.