До 14 април, кога завршува рокот во рамки на кој Мешовитиот комитет треба да излезе со решенија за унапредување на размената меѓу Македонија и Србија, проблемот со брашното ќе остане отворен.

Но тоа, како што изјави Трајан Дикмовски од Министерството за земјоделство, кој го предводи македонскиот тим во Комитетот, не значи и дека проблемот нема да се реши.

Стопанствениците на состанокот на Мешовитиот комитет во Скопје не побарале укинување на маркичките, што беше една од опциите за надминување на проблемот со брашното.

– Стопанствениците не бараат укинување на маркичките. На состанокот во Скопје коморите од Србија и Македонија се согласија дека прашањето до последен момент ќе биде отворено. Но, можно е и тоа да се надмине до 14 април, нагласува Димковски.

Спогодбите за останатите нецариснки бариери што треба да ги склучат институциите од двете страни се веќе усогласени. Останатите три дена треба и административно да се подготват за потпишување.

– До 14 април ќе го завршиме административниот дел. Потоа ќе остане министрите и директорите да договорат кога ќе биде потпишувањето на документите. Претходно спогодбите треба да се усогласат со националното законодавство и да поминат во владите на двете земји, истакнува Димковски.

Мешовитиот комитет ја одржа првата средба во Белград, на 15 март, а втората во Скопје, на 28 март. С е разговараше за заемно признавање на фито-сертификатите, како и за целосно укинување на маркичките за брашното што е можно и прифатливо само ако тоа го бараат стопанските комори од двете земји.

Србија во текот на средбите бараше да се разгледаат „мерките и процедурите кои доведуваат до проблеми при извозот на компир во Македонија“, како и „долгото задржување на пратките на граничниот премин до завршувањето на лабораториските анализи“, а Македонија бараше укинување на ГМО анализите што ги прави Србија на македонскиот ориз.

Српскиот министер з а трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ во меѓувреме најави дека ако до 14 април не се најде трајно решение за извозот на брашното во Македонија, Србија ќе воведе контра мерки.