Акцијата „Отворени денови“ што ја спроведува Централниот регистар денеска се реализираше во Прилеп, на која граѓаните се информираа за дејноста на институцијата, како и на кој начин можат да се отстранат административните бариери за водење бизнис.

Се она што ги интересираше граѓаните беше објаснето од стручен тим
од Централниот регистар, како и од раководителот на ЦР од Прилеп Габриела
Николоска.

Според нив институцијата постои за своите корисници, за правните и физичките лица и за сите граѓани кои имаат потреба од услугите на Централен регистар, а со Отворените денови се активира праксата за директен контакт со корисниците за услугите. При овие посети се става поголем акцент на прашањата, па и проблемите со кои бизнис секторот, а особено микро и малите бизниси се соочуваат во нивното работење. 

Сето ова, велат од Централниот регистар, е во насока на отстранување на административните бариери за водење бизнис во Македонија.

По успешно спроведениот проект „Е-ПОДНЕСИ САМ“ и формирањето на техничка помош за граѓаните кое произлезе како фундаментална потреба, Централниот регистар продолжува со уште поголем интензитет да развива слух за потребите на корисниците.

Веќе формиран е тим кој ќе работи на добиените предлози до конечна
реализација.

Воедно, граѓаните во ЦР имаат можност да се консултираат во врска со прашања поврзани со трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, регистарот на годишни сметки, услугите поврзани со залог, лизинг и сите останати регистри и услуги кои се во надлежност на оваа институција. Ка.М.