Бизнис идеите „Хербална куќичка Билкилајф“, „О-круг“, „Мали истражувачи“ и „EnergyBox“ се победници на Наградата за социјално претприемништво – Social Impact Award 2021, Млади херои со големи идеи! Прекрасни тимови, ентузијазам, идеи кои сигурно ќе го променат општеството ја одбележаа седмата година од „Наградата за социјално претприемништво“ – Social Impact Award 2021.

Деветнеделната инкубациона фаза заврши со презентирање на проектите на финалистите и прогласување на наградените идеи. „Хербална куќичка Билкилајф“, „О-круг“ и „Мали истражувачи“ се решенијата кои освоија парична награда од Шпаркасе Банка, како победници на Наградата за социјално претприемништво – Social Imapct Award 2021.

Првата награда во висина од 3.000 евра, стручното жири ја додели на тимот од „Хербална куќичка Билкилајф“, Мила и Верче, девојките зад оваа идеја замислуваат „Билкилајф“ да биде место за релаксација на умот и телото, преку разни форми и содржини-туристички услуги. Основата на сите услуги, програми и активности се билките, а во нив учествуваат и можат да ги користат лицата со попреченост.

Втората награда во висина од 2.000 евра беше доделена на „О-круг“, здружение кое работи во полето на реупотреба на отпад од храна. „О-круг“, во суштина ќе произведува есенцијални масла и природни освежувачи од отпадна кора од портокал. Отпадните лушпи ќе бидат собирани преку партнерства со локалните кафетерии, џус и смути барови, потоа преработени и од нив ќе се произведува есенцијално масло и природни освежувачи за воздух.

Третиот тим кој ја понесе наградата на жирито е „Мали истражувачи“, проект од Македонски брод кој работи во областа на одржлив туризам и се залага за здрав живот. Идејата е отворање на првото еко-игралиште за деца или како што Магдалена и Кики ги нарекуваат, „малите истражувачи“. Како дел од игралиштето е и зеленчукова градина, каде децата ќе имаат можност да научат за одгледувањето на истите или пак да си наберат свежи плодови.

Четвртото победничко решение избрано преку он-лајн гласање е проектот „EnergуBox“, воден од Натали Велеска, чиј тим ќе добие дополнителна менторска и консултантска поддршка од компанијата „Бизнис Импакт Лаб“.

„Наградата за cоцијално претприемништво“  претставува едукативна програма и натпревар за претприемачки идеи меѓу студентите и младите во Северна Македонија. Претставените идеи во рамките на програмата имаат потенцијал да бидат развиени и имплементирани како иновативно решение во областа на социјалното претприемништво. Целта на програмата е да се зголеми интересот меѓу младите за
оваа област, како и да се поттикнат да размислуваат за создавање социјални бизниси.

Повеќе информации за настанот и програмата можете да добиете кај Ана Пасковска, национална координаторка на „Наградата за социјално претприемништво – Social Impact Award“ на е-маил: [email protected].
Web: https://north-macedonia.socialimpactaward.net