Зголемување на разбирањето на факторингот како алтернативно решение за финансиите на малите бизниси и нивно упатување кон примена на најдобрите практики за финансирање е целта на првата регионална конференција за факторинг што се одржа вчера во Скопје во организација на УСАИД, Меѓународната организација за факторинг и на Стопанската комора на Македонија.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, при отворањето на регионалната конференцијата за факторинг ги истакнаа можностите и поволностите што оваа услуга ги нуди за компаниите, како и заложбите на Владата за внесување на овој механизам.
Анѓушев посочи дека како алтернативен начин на финансирање, факторингот може да влијае и значително да ја подобри ликвидноста на компаниите.

– Факторингот е блиску поврзан со ликвидноста на компаниите, односно тоа е механизам како компаниите преку факторинг можат да ја подобрат својата ликвидност. Овој механизам во нашата држава не е развиен поради неинформираноста и немање компании што ја нудат оваа услуга, а е блиско поврзано и со ризикот. За потенцијалите на оваа услуга зборува фактот дека околу 10 отсто од бруто-домашниот производ во Европската Унија се средства што се опфатени со факторинг, односно големината или средствата што компаниите ги користат врз основа на механизмот факторинг се околу 10 отсто од бруто-домашниот производ. На пример, во Словенија тоа се 3 отсто од БДП или 1,2 милијарда евра на годишно ниво, додека, пак, кај нас тоа се мери во промили или е незначително – истакна вицепремиерот.

Според него, актуелната состојба во нашето стопанство отвора широк простор за факторинг-механизмот.

– Кај нас ситуацијата е таква што од една страна не го користиме овој механизам, а од друга страна имаме сериозен проблем со ликвидноста на македонските компании и затоа ценам и верувам дека има доволно простор за да се подобри ова – истакна Анѓушев.

Заменик-министерката Ширет Елези истакна дека пристапот до финансии, особено за малите и за средните претпријатија, е едно од горливите прашања на кои Владата е сериозно посветена.

– Во Законот за финансиски друштва ќе се направат измени во делот што се однесува на факторингот. Ќе се дефинира содржината на договорот и ќе се утврдат видовите факторинг. Со тоа ќе се зајакне правната сигурност на овие договори, а на банките, финансиските друштва и самите корисници на услугата, ќе им се помогне да го разберат и препознаат факторингот како алтернативен начин на финансирање – образложи Елези.

Двајцата владини претставници порачаа дека државата е одлучна да го искористи овој потенцијал и на фирмите да им овозможува пристап до ликвидни средства без дополнително задолжување.