Повеќето од македонските компании, пред сѐ малите и средните претпријатија, немаат можности за инвестирање во иновации и технологија, и се кадровски, финансиски и технички ограничени за да можат да остваруваат извоз

Клучот за економски развој на земјава е во развојот на приватниот сектор, така што тој ќе биде во состојба да креира производи и услуги со повисока додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар, поточно да ги задоволува стандардите на земјата во која се извезува. За да се постигне тоа, потребен е поволен деловен амбиент што ќе ја поттикне иновативноста кај домашните компании, а наедно ќе го поддржи и воведувањето нови технологии. Сево ова беше заклучено на вчерашната конференција на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Потпретседателката на сојузот, Габриела Кулебанова, истакна дека конкурентноста на македонското стопанство најдобро се гледа преку извозот на македонските производи.
– Концентрацијата на извозот кај многу мал број компании и денес е многу голема. Според податоците од Државниот завод за статистика, во Македонија само 3.500 компании извезуваат, тоа е околу 5 отсто од вкупниот број на активни трговски друштва во земјава. Повеќето од фирмите што извезуваат, или 2.835 фирми, се микро и мали, а само 110 од извозниците се големи компании, кои имаат над 250 вработени – објаснува Кулебанова.

Таа додава дека иако се малку на број, големите извозни компании создаваат најголем дел или 80 отсто од вкупниот извоз на државата.

– Ова јасно покажува дека повеќето од македонските компании, пред сѐ малите и средните претпријатија, немаат можности за инвестирање во иновации и технологија и се кадровски, финансиски и технички ограничени за да можат да остваруваат извоз – истакна Кулебанова.

Според неа, во насока на стимулирање на иновативноста и технолошката конкурентност постојат низа мерки како даночни ослободувања за модернизација и нови технологии, користење одредени фондови за набавка на нова опрема, како и стимулирање партнерства со странски инвеститори, кои во голема мера може да пренесат знаење и воведување нови технологии кај домашните компании.

– Сметам дека треба поагресивно да се стимулираат воведувањето и примената на нова технологија и да се наградува ангажирањето на домашните иноватори – вели потпретседателката на ССК.

Од сојузот појаснуваат дека во согласност со извештајот за глобална конкурентност на Светскиот економски форум (СЕФ), всушност најконкурентни се токму оние економии што се извозно ориентирани, најиновативни и технолошки најподготвени.

Подобрувањето на конкурентноста на македонските производи, преку креирање на уникатен производ со додадена вредност, може да создаде врвен производ за избраните извозни пазари, како ефективен начини за зголемување на БДП.

– Како мала економија, нашиот фокус за успех треба да го насочиме кон тоа како да ја искористиме интелигенцијата со примена на иновации и технологија. Квалитетни и оригинални производи, амбалажа, стандардизација и подготвеност да се задоволат специфичните барања на купувачите, како и следење на истражувањата и трендовите во одредена индустрија се неколку аспекти за зголемување на побарувачката и извозот – изјави Даниела Николовска, членка на сојузот.

Како што вели таа, учеството на извозот во БДП, кое е нешто над 50 отсто, треба да се зголеми, а за тоа е неопходно значително подобрување на капацитетите на одредени сектори.

– Во согласност со анализите, производи и услуги со поголема додадена вредност може да се креираат во сите сектори, почнувајќи од ИКТ, иновативното земјоделство, малите индустриски капацитети, пред сѐ прехранбени, кои ќе креираат уникатен производ со конкурентна цена – споменува Николовска.

Според неа, иновативните бизниси се обично со зголемен ризик при нивното формирање, но и со потенцијална можна зголемена добивка. Затоа треба да се овозможи соодветен амбиент каде што изворите за финансирање би им биле достапни на овие компании.

– Во таа насока, формирањето фондови за одобрување строго наменски кредити со пониски каматни стапки за стимулирање на извозот и на извозно ориентираните компании ќе биде стимул за приватниот сектор – смета Николовска и додава дека новите креативни производи и услуги се единствен начин за брз развој на државата.

Развиени мали и средни компании, како и нивна адекватна поддршка, можат да ја зголемат конкурентноста на МСП, кои се 99,7 отсто од вкупниот број регистрирани компании во земјата. Според последните податоци на ДЗС, за периодот јануари – ноември 2018 година, вкупниот извоз е над 5 милијарди евра и бележи пораст од 16,7 отсто во однос на истиот период од претходната година. Најголем трговски партнер е Германија со кој Македонија бележи суфицит во размената. Значајни трговски партнери на земјата се и Бугарија, Србија, Грција, Италија, Романија, Шпанија, Турција и Велика Британија.