Македонија се уште не може да каже дека има земјоделски задруги. Вкупно ргистрираните 38 се многу малку и преку нив се пласираат едвај девет проценти од вкупното производство, беше речено на денешниот настан по повод Светскиот ден на задругите.

– Последната државна поддршка за земјоделските задруги беше објавена пред пет години. Во моментов се изготвува правилник со кој ќе се воведе поинаква мерка, во сосема друга насока, а целта е земјоделците заеднички да излезат на пазарот преку откупни, собирни центри и калибрирано производство, истакна Трајан Димковски, шеф на Кабинет на министерот за земјоделство.

Според него, македонските производи се се помалку конкурентни и на пазарите каде што традиционално се пласираат, а проблемот е во неконкурентната цена.

– Од други држави веќе доаѓаат и го заземаат нашиот простор. Во последните години може да се слушне дека имаме постојано проблем со одредени производи. Затоа и идејата е да се поттикнат земјоделците на соработка. Се додека земјоделецот сам бере и пакува, ќе имаме проблем, напомена Димковски.

Пораката на претседателот на Македонската асоцијација на земјоделски задруги (МАЗЗ) Менде Ивановски е земјоделците конечно да сфатат дека само здружени може да ги решаваат пробемите со палсманот.

– Се уште има влијание искуството од поранешна Југославија и тогашното функционирање на задругите, но се трудиме да го надминеме, рече Ивановски, додавајќи дека преку задругите во Шпанија се пласираат над 90 отсто од вкупното производство.

Одговорајќи на новинарско прашање, Ивановски истакна дека проблеми со пласманот и цената има, посебно кај праската и лубеницата.

Годинашното мото на Меѓународниот ден на земјоделските задруги е „Одржливо општество преку задругите“.