Синдикатот на „Еурокомпозит“ денеска го прекина штрајкот и протестот пред Владата по постигнатиот договор со премиерот Зоран Заев.

Според Роберт Богданоски, претседател на синдикатот, по долги преговори договорено е за три месеци да се решава судбината на фабриката, да се подготви пакет за технолошки вишок и вработените да земат плата до понеделник.

– Долго преговаравме во текот на вчерашниот ден и синоќа зашто спорно беше кога да се исплати платата. Ние не се согласувавме на рокот од 30 дена и синоќа по 22 часот е договорено плата да добиеме најдоцна до понеделник. Доколку не се случи тоа, пак ќе излеземе на протести. Инаку, вработените решија да дадат доверба за три месеци, колку што траела постапката, по процена и распишување тендер да се приватизира компанијата, зашто веќе сега имало тројца-четворица заинтересирани инвеститори. Во меѓувреме да се подготви пакет за технолошки вишок на 100 до 120 вработени. Побарувањата што ги имаат вработените на заостанати плати и неплатени придонеси од 2012 година да влезат во побарувањата од стратегискиот инвеститор, е цврстото ветување на премиерот Заев – вели Богданоски.

Вработените го продолжуваат производствениот процес, а денеска во „Еурокомпозит“ е турска делегација составена од директори на наменски компании од воената индустрија на Турција во придружба на државен секретар на турското министерство за одбрана. За оваа посета нема детална информација од комапнијата.