Фото: МФ

Државна обврзница со време на достасување од 30 години денес за првпат е издадена на македонскиот пазар на капитал.

Ова е сигнал за довербата на инвеститорите во македонската економија, бидејќи зголемената рочност, односно време за враќање на средствата, укажува на зголемена доверба, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

Македонија, покрај Словенија, е единствената земја во регионот која издала 30-годишна обврзница. Најблиску до оваа рочност во регионот дошле членките на Европската унија – Бугарија која издала 20-годишна обврзница и Хрватска каде најдолг рок на кој е издадена државна обврзница е 13 години.

Обврзници со достасување од 30 години имаат земји како Германија и САД. Обврзница со највисока рочност има издадено Австрија, односно 100-годишна обврзница.

-Македонската економија е повторно на вистинска патека. Економските показатели укажуваат на нејзино раздвижување. Безусловната препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ, добрата фискална политика и подобрувањето на изгледот на кредитната агенција „Фич“ за Македонија, доволно говорат за патот по кој се движиме. Врз основа на сето ова може да излеземе на пазарот со инструмент како 30-годишна државна обврзница, кој укажува на силна доверба од инвеститорите. Таа исто така е показател дека македонската економија веќе се стреми кон повисоко ниво – вели министерот за финансии Драган Тевдовски.

Инвеститори во 30-годишната обврзница се приватните пензиски друштва и осигурителни компании.

Новата 30-годишна обврзница е продадена на сума од една милијарда и 200 милиони денари (19,5 милиони евра), што претставува половина од побарувачката од страна на инвеститорите. Каматна стапка е 4,85%.