Статусот на овластен економски оператор (OEO) е меѓународно признаена марка за квалитет, која укажува на тоа дека економските оператори од Македонија како производители, извозници и увозници, шпедитери и транспортери во меѓународниот синџир на снабдување се безбедни и сигурни, а нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени. Сојузот на стопански комори на Македонија и Царинската управа на Република Македонија вчера го промовираа овој концепт.
Претседателката на Сојузот, Данела Арсовска, истакна дека првите компании веќе аплицираа и се во процедура на имплементирање на неопходните правила за добивање статус ОЕО, што значи поволност за компаниите како на македонското царинско подрачје, така и во царинското подрачје од земјите на ЦЕФТА-регионот, односно овозможува приоритетен третман при извршување на царинските контроли со значително олеснети процедури.

– Веруваме дека нашите компании како овластени економски оператори ќе бидат позитивен пример и ќе ги поттикнат и другите да се стекнат со статусот овластен економски оператор како гаранција за кредибилна компанија во меѓународни рамки. Придобивките за стекнување на статусот ОЕО кај компаниите се многубројни од аспект на олеснување и забрзување на трговијата, промовирање на извозот и економскиот пораст – нагласува Арсовска.

Таа додава дека компаниите што ќе се стекнат со статусот ОЕО ги задоволуваат предвидените законски критериумите и се сметаат за безбеден и сигурен партнер во трговскиот синџир на снабдување.

– Од друга страна, стекнувањето на статусот ОЕО за домашните компании е исто така предизвик, затоа што станува збор за процес на имплементација на високи стандарди – изјави Арсовска и додаде дека компаниите што ќе се стекнат со ОЕО долгорочно ќе имаат поедноставни, побрзи и поевтини постапки за компаниите што се извозно ориентирани.

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, истакна дека дел од придобивките што ги носи статусот ОЕО, а кој се стекнува на доброволна основа, се поголема безбедност и сигурност, како и намалени трошоци.

– Царинската управа на Република Македонија, свесна за значењето на концептот ОЕО, можностите што тој ги нуди за економските оператори и за Царинската управа се заложува за понатамошен развој на концептот, негово промовирање пред деловната заедница, како и обезбедување помош и поддршка за сите заинтересирани оператори, од една страна, и наедно развој и унапредување на самата царинска служба при спроведување на надлежностите поврзани со концептот ОЕО – вели Танасоски.
Танасоски ги охрабри македонските компании да се стекнат со статусот ОЕО за да ги искористат придобивките и поволностите на одобрениот статус.

Концептот на овластен економски оператор е еден од инструментите за олеснување на трговијата. Последните измени на Царинскиот закон се однесуваат и на критериумите за издавање одобрение за овластен економски оператор, кои се целосно усогласени со националните прописи и одредби за ОЕО на Царинскиот закон на Европската Унија. Успешноста на примената на концептот зависи од интересот на компаниите да го применуваат. Концептот на овластен економски оператор одамна е промовиран од страна на Светската царинска организација и прифатен од многу држави. Тој опфаќа подобности за овластен економски оператор во државата и надвор од неа.