Фото: Игор Бансколиев

Од еден вратен камион извозниците губат 4.000-5.000 евра, што е огромна штета. Ако ситуацијата не се реши, тие велат дека не знаат дали ќе бидат во можност да ги исплатат производителите. Праските веќе ги даваат за 10 до 15 денари по килограм, а ги купуваат за 18 денари

Извозниците на праски од Росоман се во неизвесност дали ќе им бидат вратени уште три камиони, кои моментно се на руската граница, што би значело дополнителни 15.000 евра загуба по штетите што ги претрпеа откако изминативе денови Русија не дозволи влез на три камиони со образложение дека во пратките е пронајден прасков црв.
Русија од денес и официјално го забрани увозот на праски од Македонија. Нашите производители сметаат дека ваквиот потег е политички и дека нема никаква врска со квалитетот.

Во меѓувреме, сѐ уште нема одговор од руска страна по писмото што го испрати македонскиот Државен инспекторат за земјоделство до руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор со кое се бара во најкраток можен рок да се отстранат сите блокади и да продолжи соработката.
– Три камиони се на пат за назад, пред три дена ни ги вратија, а три во моментов се на руска граница. Не знаеме што ќе се случи со нив. Од еден вратен камион губиме 4.000-5.000 евра. Тоа е огромна штета. Ако ситуацијата не се реши, не знаеме дали ќе бидеме во можност да ги исплатиме производителите. Праските веќе ги даваме за 10 до 15 денари по килограм, а ги купувавме за 18 денари. Се носат во Скопје, Албанија и во Косово – истакна вчера Владо Орданов, откупувач и производител на 30 хектари праски, круши, кајсии и грозје во Росоман и во Сирково.

Според него, вредноста на еден камион праски е околу милион денари.
– Русија од скоро прави проблем со увозот. Досега пласманот течеше без никакви проблеми. Симптоматично е и тоа што моментално, без никаков проблем извезуваме во Украина, Белорусија, Норвешка, Романија, Хрватска и никој не ни прави проблем. Сепак, околу 80 отсто од праските одат за Русија, но во последно време ни прават големи проблеми. Дали е политика или што е работата, не знаеме – додава Орданов.
И други производители од Росоман сметаат дека е во прашање политика. Само од Јосипово летово за Русија биле извезени над 80 камиони. Два од нив се вратени претходна недела, а неделава уште три.

Од Министерството за земјоделство информираат дека од Русија се вратени две, а не три пратки, едната поради лоша калибрација, а другата поради прасков црв. Во праските немало габа монилија, како што првично се тврдеше.
– Сѐ уште нема одговор од руска страна по писмото што го испрати Државниот инспекторат за земјоделство, а контролите на насадите и натаму се вршат – велат од Министерството.
Откупувачите, како што нагласува Орданов, ќе бараат помош од Министерството и од Стопанската комора на Македонија, но најпрво ќе го причекаат конечниот исход од руската одлука за да ги проценат точно штетите.
Минатата година од Русија биле вратени четири камиони, исто така поради присуство на црв во праските.

– Кога ја купуваме праската имаме посебно ангажирани луѓе што вршат контроли и може да се случи грешка кај еден до два отсто од количествата. Но премногу е поради тоа да се враќа цел камион – смета Орданов.
Праската оваа година почна да се откупува за 25 денари, а заврши со 18 денари, за разлика од лани кога најпрво беше 20 денари, а потоа цената падна на 13 денари.
– Ние во Македонија, поради поволните временски услови, порано ја вадиме праската, поради што и добиваме на цена, но кога родот ќе стигне во другите земји, конкуренцијата се зголемува, а и побарувачката се намалува – објаснува производителот и откупувач од Росоман.

Одлуката на Русија, која стапува во сила денеска, се однесува и на Србија. Според првичните информации што ги објави Ројтерс, причина за забраната на увозот е габата монилија, пронајдена во праските од Македонија и во Србија.
Руската амбасада во Скопје потврди дека според информациите објавени на интернет-страницата на руската федерална служба за ветеринарна и фитосанитарна контрола, воведена е привремена забрана за увоз на коскести овошја од Македонија, како и дека одлука за натамошно постапување ќе биде донесена по завршување на истрагата на двата надлежни органи од Русија и од Македонија.
Од амбасадата на Русија посочија и дека за оваа сезона од Македонија во Русија биле извезени три милиони килограми праски, а вратени поради сомнеж дека се заразени биле 120.000 килограми. Исто така, посочуваат дека сезоната за ова овошје е при крај и дека не биле предвидени други испораки.