Пчеларите од бродската општина се презадоволни и истакнуваат дека по подолг период имале приноси, по пчелно семејство, поголеми од десет килограми, за разлика од претходно кога константно бележеа загуби. Цената за тегла мед се движи од 400 до 600 денари

Споредено со претходните години, кога пчеларството ги бележеше најлошите резултати во производството на мед, годинава состојбата, според инволвираните, е нешто подобра. Сепак, тие укажуваат дека сегашните количества се далеку пониски од времето кога приносите на мед беа рекордни, периодот од пред две-три децении. Пчеларите од кичевско-бродскиот регион посочуваат дека приносите на мед по пчелно семејство сезонава се движат од шест до 12 килограми.

– По три-четири сиромашни години, за пчеларите од нашиот регион, сезонава приносите на мед се солидни, но се далеку од количествата што ги добивавме пред две децении. Приносите и годинава ќе беа поголеми ако во текот на месеците јули и август немавме исклучително високи температури и ако барем малку повеќе имавме врнежи од дожд. Според информациите што ги добиваме од нашите пчелари, годинава приносите на мед по пчелно семејство се движат од шест до 12 килограми, што е далеку подобро споредено со претходните три-четири години кога приносите на мед се движеа едвај од еден до два килограми по пчелно семејство – вели Коста Галиманоски, претседател на земјоделското здружение „Виножито“ од Кичево.

Галиманоски ги лоцира причините за помалите приноси на мед кај сѐ почестата застапеност на хибридни земјоделски култури.

– Главниот проблем за сѐ послабите приноси на мед изминативе години е сѐ поголемата застапеност на хибридни култури на земјоделските површини, кои воопшто не медат и не придонесуваат за поголеми приноси по пчелно семејство. Не треба да се занемари ниту проблемот што го предизвика иселувањето на македонското село, каде што има сѐ помалку растенија што цветаат, што е предуслов за поголеми количества мед – додава Галиманоски.

Современите пчелари сметаат дека во овој регион треба да се практикува селидбено пчеларство, особено ако сакаат приносите редовно да бидат високи.

– Ако се има предвид релјефната структура на нашиот регион и Поречијата, тогаш можеме да потврдиме дека тоа придонесува цветањето во природата да биде во различни периоди, во зависност од надморската височина. Токму затоа, селидбено пчеларење е најдоброто и најисплатливо, бидејќи багремот цвета во различен период во зависност од надморската височина и, секако, локацијата каде што се наоѓаат пчелните сандаци. Сигурен сум дека со овој вид пчеларење и навременото присуство на пчелите на местата каде што во полн ек е цветањето, тогаш и приносите на мед ќе бидат двојно повисоки – објаснува Лупчо, пчелар од Кичевско.

Пчеларите од бродската општина годинава се презадоволни и повеќето од нив ни потврдија дека по подолг период имале приноси по пчелно семејство поголеми од десет килограми, со што се подобрува и нивната профитабилност, за разлика од претходно кога константно бележеа загуби. Цената за тегла мед се движи од 400 до 600 денари. Пчеларите ги правдаат овие цени со сѐ поскапото пчеларење, додека граѓаните се незадоволни од цената, која, како што велат, ги надминува нивните економски можности.