Дали „Белене“ е инвестиција што ќе ја гарантира македонската енергетска стабилност?

Каде е оправданоста и кои се придобивките за Македонија со учеството во изградбата на нуклеарната централа во соседна Бугарија? Дали имаме подобра опција и поголема бенефиција доколку градиме други типови енергетски капацитети и доколку тие се во нашата држава? Многу прашања се наметнаа по објавата на надлежните дека испратиле писмо за намера за учество во изградбата на нуклеарната електрична централа „Белене“ во Бугарија. Имено, македонската влада го задолжи ЕСМ да учествува на јавниот повик распишан од бугарската Национална енергетска компанија (НЕК) за изградба на нуклеарна централа „Белене“, при што ЕСМ би бил малцински содружник во „Белене“ и би склучил договор за купување базна енергија за период додека централата е во функција.

– Главна придобивка, доколку се реализира „Белене“, е зголемување на сигурноста во снабдувањето со електрична енергија, бидејќи речиси 25 проценти од потребната електрична енергија набавуваме од увоз. По реализацијата на „Белене“, би имале своја енергија, која би ја добивале од неа како акционер и како купувач, со што би се намалила нашата зависност од увоз на електрична енергија – објаснуваат од Министерството за економија.

Професорот од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Антон Чаушевски, потсетува дека изградбата на „Белене“ е повеќе години планиран производствен капацитет на Бугарија. Појаснува оти нуклеарната електроцентрала е високоинвестициски инфраструктурен енергетски објект и затоа Бугарија бара стратегиски партнери.

– Македонија подолго време нема изградено базна термоенергетска постројка, а постојните ТЕЦ „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“ се застарени и треба да се ревитализираат. Од друга страна, не е сигурно снабдувањето со домашен или увозен јаглен. Затоа е потребно да се инвестира во базна електроцентрала, термоцентрала на фосилно гориво или нуклеарна електрична централа. Сметам дека треба да се видат понудите и внимателно да се преговара или договара околу инвестициите, начинот на оперативност и снабдувањето со електрична енергија, одржувањето на електроцентралата, потребата од човечки ресурси, третманот на горивниот циклус, третманот на ниско и високорадиоактивен отпад и друго. Мислам дека треба да се разгледа и искуството од НЕЦ „Кршко“ во Словенија, каде што произведената електрична енергија ја користат Словенија и Хрватска по половина – појаснува професорот Чаушевски.
Тој истакнува дека иако нуклеарната опција не е исклучена во енергетската стратегија на Македонија. Сепак, влегувањето во регионален објект на нуклеарна електрична централа е добар начин да се навлезе во оваа технологија, која за нас сепак е нова и бара високостручни експерти.

– Изградбата на нуклеарна централа на територијата на Македонија бара долгорочна политичка и економска сигурност и консензус по ова прашање, големи експертски истражувања, потреба од човечки ресурси, а на крајот сепак и високи инвестициони ресурси – додава Чаушевски.

Професорот потсетува дека во последните десетина години Македонија е силно зависна од увоз на електрична енергија, што достигнува 30 отсто од потребите. Додава дека развојот на електроенергетскиот сектор се базира на изградба на технологии и производствени капацитети од обновливи извори на енергија, како хидроцентрали, ветерни паркови и фотоволтаични централи.

– Овие технологии ќе се градат интензивно во следните години, но сепак треба да се инвестира во големите хидроенергетски проекти на реката Црна, на реката Вардар, хидроенергетско поврзување на системот „Мавровски електрани“ со акумулацијата „Козјак“ и други, како и градба на термоенергетски постројки на гас и јаглен, а секако и на продолжување на експлоатацијата на постојните ТЕЦ „Битола“ и „Осломеј“ – заклучува Чаушевски.

Како што појаснуваат од Министерството за економија, во стратегијата за енергетика, која треба наскоро да се донесе, се предвидуваат повеќе сценарија во кои се тежнее да се намали нашата зависност од увозот на електрична енергија, како и постепено напуштање на јагленот како гориво за добивање енергија, поради огромното загадување на човековата околина.

– За да се остварат овие барања на ЕУ, најдобар чекор е да почнеме дел од енергијата добиена од јаглен да заменуваме со енергија добиена од други горива. Нуклеарната енергија се смета дека заедно со другите извори на енергија (обновливите) влијае на сигурноста на снабдувањето. Добро е нашата земја да има и своја нуклеарка, но за тоа се потребни повеќе години планирање, проектирање, обучување кадар и слично, за што сигурно би биле потребни 20-30 години, а бидејќи се планира „Белене“ да се изгради за десет години, ова решение е за најкраток можен рок – додаваат од Министерството.

Надлежните посочуваат дека енергетскиот сектор треба да се развива во насока на изградба на обновливи извори на енергија добиена од сонце, ветер, вода, гас, биомаса, биогас. Како покрупни зафати што очекуваат од Министерството да се реализираат во следниов период се нови хидроелектрични централи, како и изградба на повеќе гасни комбинирани постројки за добивање електрична енергија од гас, а како нуспроизвод се добива топла вода, која се користи за греење на домаќинствата во зима, како што е случај со „ТЕ-ТО Скопје“, но и за загревање на бојлерите во домаќинствата.


„Екосвест“: Не се зголемува нашата енергетска сигурност

Граѓанските организации реагираат на намерата на нашите власти да се вклучат во изградбата на нуклеарната централа „Белене“. Од центарот за истражување и информирање за животна средина „Екосвест“ велат дека од ваквата инвестиција државата и граѓаните нема да имаат полза.
– Процесот на градба од одобрување трае околу пет години. Кога ќе се додаде периодот за добивање на сите дозволи, времето што треба да помине додека македонските граѓани ги добијат првите киловат-часови електрична енергија може да достигне и десет години. Истовремено, не се зголемува нашата енергетската сигурност, бидејќи овој капацитет ќе биде изграден во друга држава – истакнуваат од „Еко свест“.
Оттаму додаваат дека треба да се даде приоритет на употребата на гасот, негово комбинирано користење за производство на електрична и топлинска енергија, со што граѓаните ќе имаат двојна корист.

[email protected]