Од денес е активна www.postashop.mk – првата електронска продавница на АД „Пошта на Северна Македонија“. Потрошувачите во моментот може да изберат помеѓу повеќе од 60 артикли на повеќе домашни и странски брендови, информираат од оваа институција.

– Онлајн-трговијата е во постојан подем насекаде во светот, а особено изминатава година кога сите сме соочени со ризиците предизвикани од пандемијата на Ковид-19. Официјалните податоци покажуваат раст од 135 отсто од вредноста на реализирани онлајн-трансакции кон македонски онлајн-продажни места во 2020 година во споредба со минатата 2019. Тоа е потенцијал што ние како ‘Пошта’ планираме целосно да го искористиме, а новата платформа е само почеток во новитетите што ги предвидуваме во оваа насока – посочи Јани Макрадули, генерален директор на „Пошта“.

Од компанијата велат дека „Пошта шоп“ е шанса за сите, особено за малите компании да имаат e-платформа, а за сите филателисти платформата нуди и можност за купување поштенски марки. Доставата се врши како експресна пратка преку ЕМС-службата, а рокот за достава е 24 часа во Скопје и 48 часа во целата република не сметајќи го денот на прием на нарачката.

– Уште 10 нови производи следните денови ќе станат дел од понудата на нашата онлајн-продавница, а во завршна фаза само во моментот се и 7 договори што ‘Пошта’ ги склучува со нови соработници. Продолжуваме со силно темпо да ги следиме и воведуваме сите меѓународни трендови, а со тоа и да го трасираме патот на ‘Пошта’ да стане клучен доставувач во домашниот пакетски сообраќај – истакна Макрадули.

„Пошта“ во текот на минатиот месец ја обнови и можноста за вршење услуги од платниот промет во над 300 поштенски единици во целата земја, со што ја збогати својата палета на услуги за потрошувачите придонесувајќи за намалување на метежот пред банките за наплата на сметки, како и правејќи ја оваа услуга достапна и во места каде што граѓаните и компаниите немаат алтернативен начин за вршење вакви услуги.