Фото: Илустрација

Околу десет милиони евра долг кој е генериран по разни основи наследил новиот генерален директор на „Пошти“, Јани Макрадули. Тој за долговите вели дека не се директно виновни оние кои менаџирале со „Пошти“, туку владите. Загубите се направени со мерки како простување на долговите на граѓаните, укинувањето на радиодифузната такса, одлуки кој не ги донел менаџментот. Макрадули е убеден дека компанијата може подобро да работи.

– Ние бевме директно погодени од ковид пандемијата и ние по тој основ, како и намалениот обем на работа добивме помош од Владата. По пропаѓањето на Еуростандард банка, драстично се намали приливот. Во овој момент главната цел е финансиското стабилизирање, елиминирање на непотребни трошоци, наоѓање на нови коминтенти и клиенти, повеќе инвестиции во рамки на решенија кои можат да ја помогнат финансиската ситуација, пред се тоа е процесот на дигитализација и вложување во животната средина. Враќањето на репутацијата која порано ја имаше „Пошта“ е приоритет кој го работиме. Средствата кои ги даде Владата ќе бидат насочени за исплата на платите – рече генералниот директор Макрадули.

Платен промет во „Пошта“ ќе може да се врши најдоцна од 1 март, а договорот со Халк банка ќе се потпише до крајот на месецов, соопшти Макрадули.

– Договорот е во финална фаза. По одобрувањето од Владата постојат некои детали кои ги договараме. Обврска на банката е најдоцна за два месеци да започне, а јас верувам дека на 1 март следната година, граѓаните ќе можат да плаќаат. Нашата провизија е најмала, ги молам граѓаните за трпение. До крајот на оваа година ќе го потпишеме и звнично договорот – додаде тој.