Од денеска, од 9 часот, почнува аплицирањето за бескаматен кредит од кредитната линија „Ковид 4”. Јавниот повик за оваа кредитна линија беше објавен на 7 јули, а ќе трае 20 дена.

За кредит со можност за грант компонента до 50 проценти, односно 15.000 евра, може да аплицираат трговски друштва од дејноста на угостителството, транспортот, туризмот и ивент индустријата; приватни здравствени установи (ПЗУ), трговци-поединци (ТП) и занаетчии од сите дејности. Субјекти кои користеле средства од Мерка 1 од петтиот сет економски мерки за финансиска поддршка на плати за февруари и март од Управата за јавни приходи (УЈП) и субјекти кои користеле кредит од ,,Ковид 3” нема да може да користат кредит од ,,Ковид 4”. Субјекти кои користеле кредит од ,,Ковид 1” и/или ,,Ковид 2” и немаат неизмирени достасани обврски на денот на аплицирање (15 јули 2021) ќе може да користат кредит од ,,Ковид 4”.

Максималниот износ на кредит е 30.000 евра, додека минималниот износ на кредит е 3.000 евра. Кредитите од „Ковид 4” ќе имаат грејс-период до 12 месеци и период на отплата до 42 месеци.

Износот на кредит кој може да биде одобрен за субјектите зависи од падот на приходите во 2020, во однос на 2019 година, и тоа:

(1) Субјекти со пад на приходи од 30 до 50 проценти може да аплицираат за максимален износ на кредит кој изнесува: 15.200 денари х 3 месеци х број на вработени; и

(2) Субјекти со пад на приходи над 50% може да аплицираат за максимален износ на кредит кој изнесува: 22.000 денари х 3 месеци х број на вработени.

Потенцијалните корисници на кредит од оваа кредитна линија треба да имаат пад на приходите од најмалку 30% во 2020 во однос на 2019 година, како и главница и резерви не помалку од 33% од износот на бараниот кредит. Прнципот за одлучување за распределба на расположливиот фонд средства ќе биде ,,прв дојден, прв услужен”.

Корисниците на кредит од оваа кредитна линија ќе може да побараат грант компонента до 50% од износот на кредит. Субјектите кои ќе покажат раст на вработените во 2021 во однос на 2020 за најмалку 5%, ќе може да користат грант од 20%. Субјектите кои ќе покажат раст на вкупните приходи за најмалку 10% за истиот период, ќе може да користат грант од 30%. Субјектите кои ќе ги зголемат и вработените и вкупните приходи, ќе може да користат грант од 50% од износот на кредитот.

Поднесувањето на кредитните барања ќе се одвива по електронски пат на адресата на е-пошта [email protected], почнувајќи од 15 јули од 9 часот.