Првата уплата од државата кон двете приватни пензиски друштва за оштетените осигуреници на кои со години не им биле плаќани придонеси во вториот пензиски столб е направена денеска. Со неа, како што информираше министерката за труд и социјална политика, се опфатени 4.926 осигуреници и треба да заврши до крајот на месецот. Уплатите за другите осигуреници ќе се случуваат во наредните месеци и треба да завршат до средината на годината, со што сите 12 илјади осигуреници ќе бидат целосно обесштетени. За оваа намена Владата обезбеди 19 милиони евра од државниот буџет.

Министерката за труд и социјална политика информираше дека согласно со новата законска регулатива, исто така во тек е трансферот на 11.319 членови од вторите кон првите друштва.

На ваков начин, рече таа, почнува специфичен процес во кој ќе бидат вклучени сите институции и процес кој ќе покаже дека реформата и во пракса ќе направи регулација на пензискиот систем.

-На ваков начин пензискиот систем станува многу посигурен, стабилен и одржлив. Иако навидум се прават мали поместувања во 2019 година се очекува намалување на дупката во Фондот за ПИОМ за две милијарди денари што е значителна бројка и ќе доведе до порамнување на линијата и постепено затворање на дупката што на среден рок треба да доведе до стабилизација на системот – рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на прес-конференцијата по работниот состанок со директорите на ПИОМ, МАПАС и приватните пензиски друштва.

Директорот на Фондот за ПИОМ Шаип Зенељи истакна дека сите граѓани ќе бидат обесштетени и оти парите ќе им бидат префрлени на сметка во вториот пензиски столб. Според него, средствата што во изминатите години не биле уплаќани на нивни сметки, не се изнесени од ПИОМ, туку останувале во Фондот и се користеле наменски.

Неизвршувањето на уплатите според него е резултат на системски пропуст кој се должи на сложеноста на пензискиот систем.

– Пензискиот систем е еден од најсложените системи за водење и за евиденции. Најголем дел од податоците се добиваат од надлежни надворешни институции, а Фондот ги контролира, споредува и обработува податоците за осигурениците да обезбедат право на пензија. Од 2006 година Фондот врши распределба на членството и придонесите во вториот столб. Водењето и користење на една база на податоци е сложен процес и можни се пропусти кои произлегуваат од обемот и содржината на податоци, како и од честата измена на законската регулатива за сите обврски кои имаат влијание на остварувањето на правата – рече Зенељи.

Министерката за труд останува на ставот дека Министерството не може да ја лоцира одговорноста, бидејќи, вели, е управен орган, а не орган за истрага или прогон. До податоците, рече, се дошло со обемна анализа, а документацијата е предадена до ОЈО која треба да ја утврди одговорноста.

– Моја одговорност е да ги заштитам сите сегашни и идни пензионери, да го унапредувам системот. Тоа Министерството и го прави со заштита на овие 12 илјади граѓани – рече Царовска.